Македонија
(Видео) Силјановска ги повика разочараните од шарената револуција да гласаат за неа
Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, беше во посета на Општина Јегуновце, каде што оствари средба со голем број граѓани.
При посетата таа им се обрати на граѓаните од општина Јегуновце и рече дека незамисливо е во 21 век во услови кога постојат ОН, Совет на Европа, Меѓународен суд на правдата во Хаг, да не се почитува правото на самоопределување.
„Бидејќи пред сè сум обичен човек, човек од народот, како велел Линколн ‘Од народот за народот, со народот’, би требало да бидат оние кои го претставуваат. Честопати си велам, замислете си сега да сте на возраст од 75 години, бидејќи Македонија е во женски род, возрасна жена од 75 години на која треба сега да ѝ се смени името, а вие ја убедувате дека тоа нема да се одрази на нејзиниот идентитет. Сакам да кажам дека името е важен дел, името е нешто на идентитетот. Името е важен елемент на идентитетот”, појасни Силјановска.
Таа вели дека поради сето ова што се случува моментално во државата, за неа на изборите ќе гласаат не само луѓе кои гласале секогаш за ВМРО-ДПМНЕ туку и многу други. Таа ги спомна и разочараните од оваа власт, оние кои никогаш не гласале, разочараните од шарената револуција, оние кои почувствуваа дека го губат достоинството по сето она што се случуваше овие неколку години.
„Ќе гласаат сите без оглед на етничка и верска припадност, бидејќи граѓани гласаат на избори како поединци, а не партии. Значи оние кои навистина сакаат промена”, изјави Силјановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Светна новогодишната елка! Отворен и Божиќниот маркет во Скопје
Во Скопје вечерва светна новогодишната елка и официјално беше отворен Божиќниот маркет, со што симболично беше означен почетокот на празничната магија во главниот град.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, им се заблагодари на скопјани, особено на најмладите, за масовното присуство, радоста и позитивната енергија што, како што наведе, заеднички ја споделиле на настанот.
„По години сивило, Скопје повторно блесна“, порача Ѓоргиевски, додавајќи дека со оваа церемонија градот направил значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, преку создавање настани што носат заедништво и радост за сите генерации.
Градоначалникот оцени дека оваа вечер ќе остане запишана и ќе прерасне во убава традиција, упатувајќи благодарност до сите граѓани што со своето присуство ја направиле ноќта посебна.
„Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина“, порача Ѓоргиевски.
Со свеченото украсување и отворањето на Божиќниот маркет, Скопје официјално влезе во празничниот период. Ѓоргиевски претходно денес најави повеќе настани во таа насока.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања. Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.

