Македонија
Камчев, Панделески и Јосифовиќ викендов остануваат во куќен притвор
Врховниот суд по вчершаната седница требаше да одлучи дали да им ги прифати жалбите на тројцата осомничени во истрагата „Империја“ на СЈО, бизнисменот Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“, Цветан Панделески и бизнис-партнерот на Камчеви, Ненад Јосфовиќ, да излезат од куќен притвор. Според информации на „Макфакс“, одлуката вчера била донесена, но записникот не го потпишале сите петмина судии кои одлучувале. Највисокиот суд се очекува одлуката да ја соопшти в понеделник.
И адвокатите на ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, за „Макфакс“ потврдија дека подготвуваат жалба до врховните судии, за нивниот клиент да се брани од слобода. Ова следува по начелното правно мислење на Врховниот суд, според кое, СЈО е неовластен тужител за нови истраги и обвиненија по рокот од 18 месеци определни со Законот.
Во истрагата на СЈО под кодно име „Империја“ осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски за неколку кривични дела.
Според СЈО, лицата се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластувањето, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Со преземање истражни дејствија и со примена на посебни истражни мерки, обезбедени се доволно докази, од кои, според СЈО, произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица што биле или се во нивна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.

