Свет
Пентагон ѝ се закани на Турција со сериозни последици за купувањето руски С-400
САД ѝ се заканија на Турција со сериозни последици ако не се откаже од купувањето на системите С-400 од Русија, при што портпаролот на Пентагон ја советуваше Анкара да побара подобри решенија предупредувајќи ја за можни пошироки импликации.
„Купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400 ќе предизвика сериозни последици врз одбранбените односи на САД со Турција”, изјави портпаролот на Пентагон, Ерик Пахон, за „Ахвал њуз“ во понеделникот.
Турскиот план за купување С-400 предизвика голема загриженост во целиот НАТО-сојуз, а Вашингтон тврдеше дека неговото распоредување покрај американското оружје, како што се стелтовите Ф-35, ја поткопува интероперабилноста на алијансата и може да им открие „тајни” на Русите.
Покрај постојаниот притисок и заканите со санкции, администрацијата на Трамп минатиот месец привремено го прекина трансферот на 100 авиони Ф-35 во Турција.
Турција, од своја страна, одби да потклекне пред американскиот притисок, инсистирајќи дека диверзификацијата на воените трошоци е од клучно значење за националната безбедност.
Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, минатата недела изрази надеж дека Вашингтон ќе го промени својот став, но САД ги продолжуваат своите консултации со Анкара за да ја информираат за пошироките импликации од купувањето руски С-400, истакна Пахон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран започнува нуклеарни преговори со три европски сили
Иран планира да одржи разговори за својата спорна нуклеарна програма со трите европски сили на 29 ноември во Женева, објави јапонската новинска агенција Кјодо, неколку дена откако Агенцијата за атомска контрола на ОН усвои резолуција против Техеран.
Иран одговори на резолуцијата предложена од Велика Британија, Франција, Германија и САД со, како што ги нарекоа владините претставници, различни мерки како што се активирање на бројни нови и напредни центрифуги, машини кои збогатуваат ураниум.
Кјодо известува дека владата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бара решение за нуклеарниот ќор-сокак пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во јануари.
Висок ирански претставник потврди дека средбата ќе се одржи следниот петок, додавајќи дека „Техеран отсекогаш верувал дека нуклеарното прашање треба да се реши по дипломатски пат. Иран никогаш не ги напуштил преговорите“.
Во 2018 година, тогашната администрација на Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со шест големи сили и повторно воведе строги санкции кон Иран, што го натера Техеран да ги прекрши нуклеарните ограничувања од договорот со потези како што се обнова на залихите збогатен ураниум, негово рафинирање и инсталирање напредни центрифуги за забрзување на производството.
Индиректните разговори меѓу администрацијата на претседателот Џо Бајден и Техеран да се обидат да го оживеат договорот не успеаја, но Трамп на кампањата во септември рече: „Мораме да се договориме, бидејќи последиците се невозможни. Мораме да се договориме“.
Свет
Песков го обвини Бајден дека ги поткопува мировните планови на Трамп за Украина
Москва ја обвини администрацијата во заминување на американскиот претседател Џо Бајден дека ги поткопува плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.
„За време на изборната кампања, Трамп зборуваше дека сака да постигне мир на некој начин и ги водеше сите кон мирно решение“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската телевизија.
„И сега прават се’ што можат за да ја ескалираат ситуацијата на таков начин што мировните договори се осудени на неуспех“, рече Песков.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, рече дека брзо ќе дејствува за да стави крај на војната меѓу Русија и Украина која трае повеќе од илјада дена. Сепак, тој се уште не кажал никакви конкретни планови.
Пред коментарите на Песков, Бајден ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел ATACMS против воени цели во Русија. Бајден планира да прости и дел од долгот на Украина.
Песков рече дека администрацијата на Бајден покажала дека ќе направи се за да не заврши оваа војна и дека сакаат да го ограничат Трамп и му се одмаздуваат поради изборниот пораз.
Свет
Маж бил прогласен за мртов во Индија, се разбудил кога требало да го кремираат
Дваесет и петгодишен маж, кој бил прогласен за мртов оваа недела во Индија, се разбудил во пресрет на неговото кремирање, пишува „Фокс њуз“.
Рохиташ Кумар (25), кој е глув, бил прогласен за мртов во болница во државата Раџастан во северозападна Индија без обдукција.
Откако станало јасно дека Кумар е жив пред кремирањето во четвртокот попладне, семејството го вратило во болница, каде што починал во петокот рано наутро.
Тројцата лекари кои прогласиле мртов Кумар во болницата Багван Дас Кетан се суспендирани, објави весникот.
Според Дејли Мејл, кој се повикува на агенцијата АФП, Кумар доживеал епилептичен напад. Лекарите се обиделе да го оживеат, но откриле срцева слабост.
„Ситуацијата не е далеку од чудо“, изјави сведок од погребот за локалниот медиум ЕТВ Бхарат.
„Сите бевме во шок. Тој беше прогласен за мртов, а таму дишеше и беше жив“, додаде тој.
Рамавтар Меена, владин функционер во областа Џунџуну во Раџастан, го нарече инцидентот „грубо невнимание“.
„Ќе преземеме мерки против одговорните. Детално ќе се истражат и методите на работа на лекарот“, рече тој, додавајќи дека специјална комисија ќе го испита случајот.