Македонија
Законот за заштита од дискриминација во Собранието ќе оди по скратена постапка
На денешната седница, по предлог на Министерство за труд и социјална политика, е донесена одлука од Собранието да се повлече доставениот предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација и беше утврден предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој сега во Собранието ќе оди по скратена постапка и со европско знаменце.
Со новиот текст на законот се очекува да се обезбеди поефикасна заштита од дискриминација при имплементацијата на законот. Во новиот текст на законот се прошируваат основите за дискриминација, се менуваат и подобро се дефинираат поимникот и дефиницијата за дискриминација, се професионализира Комисијата за заштита од дискриминација, се менуваат називот и надлежноста на Комисијата која ќе треба да работи и на превенција, освен на заштита, и се доуредуваат начинот на избор и условите за избор на членови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова со францускиот амбасадор Бомгартнер: изразена надеж дека историските прашања, стари и по сто години, нема да го преземат приматот на реформите
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Француската Република, Сирил Бомгартнер.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, што се карактеризираат со традиционално пријателство, отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес.
На средбата се разговараше за македонските аспирации за членство во Европската Унија, како стратешки приоритет на државата. Во тој контекст Сиљановска Давкова истакна дека поддршката од страна на нашите пријатели и партнери во ЕУ, вклучувајќи ја и Франција, за нас е високо ценета и значајна.
Сиљановска Давкова изрази очекување за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, преку враќање на вербата во мериторниот процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхагенските критериуми.
Сиљановска Давкова изрази надеж дека историските прашања, стари и по сто години, нема да го преземат приматот на реформите кои се главен национален приоритет и воедно изрази очекување за подлабока соработка со Француската петта република за примена на француските искуства во развојот на демократијата.
Во контекст на владеење на правото како прв и најважен критериум од Копенхаген, таа ги посочи актуелните внатрешни предизвици врзани за нарушениот уставен принцип на поделба на власта без која нема парламентарна демократија.
Македонија
(Видео) Спасовски: СДСМ ќе ги почека законските предлози за реорганизација на министерства, ќе ги разгледа, па ќе донесе одлука дали ќе ги поддржи
Коориднаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска во одговор на новинарски прашања во македонското Собрание информираше за заклучоците од координацијата на пратеничката група и кај претседателот на Собранието, на којашто главно, се дискутираше за конституирањето на комисиите, работните тела во законодавниот дом, делгациите и групите за соработка.
Во однос на Законите кои што се најавуваат за реорганизација на министерства или реформа на администрацијата, Спасовски соопшти дека СДСМ не може да соопшти став на невидено и затоа пред да одлучи ќе ги почека законските решенија, ќе ги разгледа внимателно законските текстови, по што ќе донесе одлука дали ќе ги поддржи.
Македонија
Гаши на редовна координација во новиот собраниски состав: во фокусот конституирањето на комисиите и неформалните работни тела
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ја одржа првата редовна координација во новиот собраниски состав, на која, главно, се дискутираше за конституирањето на комисиите, како и на неформалните работни тела во законодавниот дом.
На координацијата, покрај претседателот Гаши и генералната секретарка Цветанка Иванова, присуствуваа претставници на сите партии, односно коалиции кои освоија пратенички мандати на неодамнешните парламентарни избори: Никола Мицевски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од коалицијата на СДСМ, Блерим Беџети од Европскиот фронт на ДУИ, Халил Снопче од ВЛЕН, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Борис Крмов од Левица.
Гаши притоа информира дека кон крајот на оваа работна недела треба да се одржи нова седница на Собранието, со цел верификација на останатите два мандати на пратеници, кои не беа верификувани на конститутивната седница на 28 мај годинава. Државната изборна комисија, како што рече Гаши, веќе има доставено извештај за овие два мандати, така што неделава треба да се закаже седница за нивно верификување, со што ќе се комплетира новиот собраниски состав.
Во однос на формирањето на комисиите, присутните ја разгледаа можноста во наредните денови првично да се изберат претседател и членови на Законодавно правната комисија и на Комисијата за политички систем, со оглед на тоа што течат роковите за избор на новата Влада. Потоа, во најбрз можен рок, политичките партии би требало да достават предлози за претседатели, членови и заменик-членови на сите други работни тела на Собранието, согласно бројот на мандатите освоени на изборите.