Македонија
Кривична пријава за Коце Трајановски, назначил директор на ,,Водовод” без валидна диплома
Скопската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски поради поставувањето на Александар Атанасов за генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ во 2014 година, иако немал валидна и призната диплома во земјава. Пријава е поднесена за уште три лица од општината кои што учестувале во постапката за избор на Атанасов за директор.
Како што соопшти МВР, Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против К.Т.(63), Н.И.(65), В.Ѓ.(53) и Б.Т.(67) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Трајановски, како градоначалник на град Скопје, во текот на декември 2014 донел одлука за распишување јавен конкурс за избор на директор на ЈП „Водовод и канализација“- Скопје, врз основа на што бил објавен јавен конкурс и била спроведена постапка за избор на директор на претпријатието. За спроведување на постапката биле назначени Н.И. – раководител на секторот за општи работи во Град Скопје, претседател на комисијата за спроведување на постапката за избор на директор во ЈП „Водовод и канализација“, а В.Ѓ. – раководител на одделение за управување со човечки ресурси во Град Скопје и Б.Т. – раководител на сектор за правни работи во Град Скопје, во својство на членови на комисијата.
„Претседателот и членовите на комисијата не извршиле проверка на комплетноста и валидноста на доставената документација од кандидатите за распишаниот јавен конкурс за избор на директор на ЈП ‘Водовод и канализација’ Скопје. Од 11 пријавени кандидати за директор бил избран кандидатот А.А., кој имал некомплетни документи, односно дипломата за завршен факултет во државата Њујорк во САД не му била нострифицирана. Ваквата одлука тие ја доставиле до К.Т., кој исто така, не извршил проверка и донел одлука за избор на А.А. за директор на ЈП ‘Водовод и канализација’ -Скопје”, соопшти полицијата.
По изборот, Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), поднеле претставка до Министерството за труд и социјална политика и до Државниот инспекторат за труд за начинот на избор на директор. По извршениот инспекциски надзор во јавното претпријатие, на Коце Трајановски му било укажано да ја преиспита одлуката за избор на директор на претпријатието и да донесе одлука во согласност со своите надлежности, но тој не преземал никакви дејствија со што му овозможил на Атанасов да продолжи да ја извршува функцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

