Македонија
Без струја делови на Аеродром

Од „ЕВН Македонија“ информираат дека поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, без електрична енергија ќе останат дел од корисниците во Аеродром.
Во периодот од 8:30 до 14:30 часот без струја ќе бидат корисниците од делови од улиците Мите Богоевски, Михаил Глинка и Гаврил Константиновиќ (општина Аеродром).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со апел: Не отворајте линкови од сомнителни мејлови и не давајте податоци на сомнителни веб-страни

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Секторот за компјутерски криминал активно презема мерки за истраги и справување со phishing (фишинг) напади, кои имаат за цел да ги измамат граѓаните и да ги добијат нивните лични или финансиски податоци.
Фишинг – нападите најчесто се изведуваат преку лажни електронски пораки, веб-страници или пораки на социјалните мрежи, кои изгледаат како да доаѓаат од доверливи извори, како што се банки, државни институции или познати компании.
Од МВР информираат дека е забележана појава на достава на лажни фактури за уплата на парични средства на електронските адреси на вработени во правни лица кои се овластени за истото, во име на управителите на правните лица, но од лажни електронски адреси.
МВР апелира до граѓаните да не се отвораат линкови или прилози од сомнителни е-пораки, да се проверува адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да не се внесуваат лични податоци (кориснички имиња, лозинки, броеви на платежни картички) на сомнителни веб-страници, да се користи двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на сметките.
Македонија
Муцунски на средба со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Герапетритис.
„Средбата претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на заемните дипломатски односи. Во оваа прилика, министерот Муцунски упати искрена благодарност за промптната медицинска помош што Грција ја обезбеди за дел од повредените во трагедијата во Кочани, оценувајќи го овој чин како силен гест и одраз на вистинско пријателство меѓу двете соседни земји“, соопшти МНР.
Двајцата министри ја нагласиле заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.
Македонија
ФЗО: Историско зголемување на капитациониот бод во примарната здравствена заштита

Во просториите на Владата се одржа панел-дискусија по повод историското зголемување на капитациониот бод во примарната здравствена заштита, што ги опфаќа матичните лекари од областа на општата медицина, гинекологијата и општата стоматологија, информира Фондот за здравствено осигурување.
На дискусијата учествуваа директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПРЛМ), Лилија Чолакова-Дервишова, Ирена Алексиоска-Папестиев, директорка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, како и Лоран Страшевски, матичен стоматолог.
Директорот Клековски потенцираше дека со ова значајно зголемување на капитациониот бод се опфатени над 2.000 склучени договори, од кои околу 200 се со матични гинеколози, додека најголем дел се однесуваат на матични лекари по општа медицина и општа стоматологија. Вкупно се опфатени над 2.500 матични лекари.
„Во изминатата деценија бележиме стагнација и намалување на бројот на матични лекари – само во 2024 година има 30 помалку во однос на 2023. Со оваа мерка интервенираме поради две суштински причини: да го запреме падот на бројот на матични лекари и да го подобриме квалитетот на услугите во примарното здравство. Охрабрени сме и од препораките на СЗО дека државaта одвојува значителни средства за болничко лекување, додека инвестициите во превентивата се недоволни“, истакна Клековски.
Проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестијев го нагласи значењето на оваа инвестиција, која ќе овозможи поголема мотивација и ангажман на матичните гинеколози во спроведувањето на скрининг-програми за рана детекција на гинеколошки заболувања. „Со оваа мерка се постигнува долгорочна заштеда за државата, преку намалување на трошоците за третман на пациенти на терцијарно ниво“, истакна таа.
Претседателката на ЗПРЛМ, д-р Лилија Чолакова-Дервишова, изрази задоволство од зголемувањето на капитациониот бод од свое име и од име на сите матични лекари. Таа посебно ја истакна важноста на оваа стимулација за лекарите што работат во руралните средини, каде условите се значително потешки. Исто така, ја потенцираше одличната и континуирана соработка со Фондот за здравствено осигурување при решавање на сите прашања поврзани со работата на матичните лекари.
Матичниот стоматолог, Лоран Страшевски, зборуваше за позитивните ефекти што оваа мерка ќе ги има врз стоматолошката практика. „Зголемувањето на капитациониот бод ќе придонесе за задржување на младите стоматолози во земјава и ќе го намали ризикот од затворање на стоматолошки ординации. Оваа стимулација ќе овозможи модернизација на ординациите преку набавка на современа апаратура и стоматолошки материјали“, нагласи Страшевски.