Македонија
Владата да не го легализира во скратена постапка хотелот во Лагадин, апелира „Транспаренси“

Владата и Општина Охрид да не усвојуваат законски решенија што ќе овозможат легализирање дивоизградени објекти, апелира „Транспаренси интернешнл – Македонија“ по најавата од Владата дека конечно решение за хотелот дивоградба во Лагадин ќе се бара со новиот предлог-закон за урбанистичко планирање. Законот е предвидено да се донесе во скратена постапка, па од „Транспаренси“ потсетуваат дека и претходната власт за потребите на проектот „Скопје 2014“ по скратени постапки ги менуваше законите.
„Апелираме да не се усвојат решенија со кои ќе се овозможи легализација или продолжување со градба на објекти за кои е утврдено дека постојат неправилности и прекршување на повеќе постапки при носењето на општите акти за градба и при давањето одобренија за конкретни објекти, како и за објекти што се наоѓаат во заштитениот појас на езерото, каде што во согласност со Законот за водите е забрането градење градби што би можеле да им штетат на водотекот и на коритото на езерото. Владата и Општина Охрид треба да ги почитуваат препораките на УНЕСКО за умерен урбанистички развој на Охрид и во тој правец бараме од органите на централно и на локално ниво да ги почитуваат важечките закони за просторно и урбанистичко планирање, како и за заштита на животната средина и природата. Потсетуваме дека за проектот ‘Скопје 2014’ неколку закони претрпеа повеќе измени и дополнувања. Законот за градењето претрпе дури 21 измена и дополнување, измени имаше на Законот за просторното и урбанистичкото планирање, на Законот за заштита на културното наследство, а беа донесени и спорни одлуки на Владата на РМ. Да не се дозволи повторување на оваа пракса“ , предупредува „Транспаренси интернешнл – Македонија“.
Хотелот во Лагадин е изграден во заштитените 50 метри од брегот на езерото каде што е забрането градењето. Градбата прекршува низа закони, но и покрај тоа, премиерот Зоран Заев на сопственикот му вети дека лично ќе се заземе да се реши проблемот кога тој побара да го догради хотелот за да ја фати сезоната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.