Македонија
Охрид нема да финансира концерти во лето, откако лани потроши 93 илјади евра
Советниците од Општина Охрид на денешната седница едногласно донесоа одлука да не се даваат пари од општинска каса за концертите што ќе се одржуваат од 15 јуни до 15 август. Ваквиот предлог доаѓа откако изминативе години неколку продукции инкасирале милиони денари од општинската каса.
Предлогот се темели на анализи направени во изминатиот период. Тие покажуваат дека во текот на туристичката сезона сите капацитети на хотелиерите се исполнети, а со организација на вакви настани, најмногу добиваат организаторите, но не и градот.
Ова значи дека Охрид од буџетот нема да дава пари за концерти, фестивали и манифестации што се организираат во овој период од годината. Ваквата одлука ќе треба да биде изгласана од мнозинството советници за да стапи во сила. Предлог до советниците во Општина Охрид достави в.д. градоначалникот Константин Георгиевски.
„Макфакс“ пишуваше дека минатото лето Општина Охрид со народни пари финансирала пет концерти и на организаторите им исплатила 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра. Парите ги зеле два правни субјекта „БМЈ Медиа гроуп“ издавач на „1ТВ“, чиј сопственик е Бојан Јовановски, и „Самоорганизација букинг“ застапник на „Аволон продукција“, чиј сопственик е Бобан Милошески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.

