Свет
Затореник од САД побегнал од затвор, полицијата го фатила, па повторно им избегал со нивно возило

Американската полиција трага по 30-годишниот затвореник Тревис Ли Дејвис, кој е во бегство. Тој, наводно, киднапирал жена и украл полициски автомобил, објави каналот „Еј-би-си њуз“.
Дејвис во саботата вечерта побегнал од затвор во Мисури.
Полицијата во средата го пронашла и уапсила на паркинг во Оклахома на речиси 560 километри од затворот од кој успеал да избега кога една жена пријавила дека е киднапирана.
Додека полицијата разговарала со жртвата на Дејвис, тој седел на задното седиште од полициски автомобил со врзани раце. Сепак, успеал да се префрли на возачкото седиште и да избега со службеното возило.
Дејвис возел околу 3 километри, потоа се забил во дрво и пеш го продолжил бегството.
Полицијата соопшти дека можеби скокнал во возот што минувал во близина.
Иако полицајците темелно ја пребарале областа, не пронашле јасни показатели каде би можел да се наоѓа Дејвис.
„Можно е тој да побегнал со товарниот воз. Сепак, луѓето во оваа област треба да ги заклучуваат врататите и да бидат внимателни со непознати“, се вели во соопштението на полицијата.
Во него се апелира до возачите да не им застануваат на автостопери и да ги пријават во канцеларијата на шерифот.
Дејвис, кој се смета за многу опасен, е обвинет за киднапирање и семејно насилство. Исто така, се товари за отпор при апсење и кршење на условната казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Европската комисија и’ се закани на Унгарија со мерки ако донесе закон против невладините организации

Европската комисија се закани со мерки против Унгарија доколку владата на премиерот Виктор Орбан усвои контроверзен закон со кој се ограничува работата на невладините организации (НВО).
Воведувањето закон за „транспарентност во јавниот живот“ би наметнало строги регулативи за невладините организации финансирани од странство кои се сметаат за ризик за суверенитетот на Унгарија.
Нацрт-законот, поднесен до унгарскиот парламент од конзервативната националистичка партија Фидес на Орбан, според Комисијата е сериозно кршење на правата на ЕУ. Извршното тело на Европската унија повика на повлекување на нацртот од законодавниот процес.
Доколку законот биде усвоен според очекувањата, Комисијата на чело со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека нема да се двоуми да ги преземе неопходните мерки.
Комисијата може да покрене посебни постапки за такви случаи на прекршување, што ќе резултира со високи казни за земјите-членки кои не се во согласност со правото на ЕУ.
Нацрт-законот дозволува невладините организации финансирани од странство кои можат да влијаат на јавното мислење да бидат ставени на црната листа. Тие организации потоа можат да добијат материјална поддршка од странство само со одобрение од даночната управа на земјата во која работат. Ако една невладина организација се финансира со други средства, мора да плати 25 пати поголема сума на државата како казна, во спротивно ќе биде распуштена и забранета.
Свет
Жената која избоде 18 лица во Хамбург ќе биде сместена во психијатриска установа

Судија нареди 39-годишната жена осомничена за напад со нож на главната железничка станица во Хамбург да биде предадена на психијатриска установа, соопшти полицијата во саботата. Во напад со нож во петокот беа повредени 18 лица во овој северен германски град.
Осомничената, која набрзо по инцидентот е приведена, доби кривична пријава за обид за убиство на 15 лица со тешки телесни повреди. Според претходните полициски извештаи, нападот не бил политички мотивиран.
„Напротив, постојат многу јасни индиции дека осомничената е ментално болна“, соопшти полицијата.
Осумнаесет повредени се на возраст од 19 до 85 години. Три жени на возраст од 24, 52 и 85 години, како и еден 24-годишен маж се пренесени во болница со повреди опасни по живот. Полицијата во саботата соопшти дека сите се стабилни. Седум други лица се тешко повредени, а седум се здобиле со полесни повреди.
Нападот бил прекинат благодарение на храбрата интервенција на двајца случајни минувачи.
Свет
Голем прекин на струјата во Кан во екот на филмскиот фестивал

Голем прекин на струја во јужниот француски град Кан го наруши последниот викенд на меѓународниот филмски фестивал. Околу 160.000 домови во крајбрежното одморалиште и соседните општини беа погодени од прекин на електричната енергија од околу 10 часот во саботата по ноќниот пожар во електраната, објави операторот на електроенергетската мрежа РТЕ на „Икс“.
Се претпоставува дека пожарот во општина Танерон бил намерно предизвикан, изјави портпаролката на полицијата. Сепак, таа не можеше да каже дали има поврзаност меѓу инцидентот и филмскиот фестивал.
Фестивалската палата има свое независно напојување со електрична енергија, па фестивалската програма генерално продолжи нормално. Сепак, проекциите на филмови во Синеум, мултиплекс кино лоцирано надвор од центарот на градот, беа прекинати.
Доделувањето на наградите на филмскиот фестивал ќе се одржи според планираното во сабота навечер, соопштија организаторите. Тимови од РТЕ и добавувачот Енедис работат на обновување на мрежата. Француските медиуми, повикувајќи се на РТЕ, наведуваат дека се уште не се знае кога ќе завршат работите.
Филмскиот фестивал во Кан се смета за најважниот филмски фестивал во светот, заедно со филмскиот фестивал во Венеција. Оваа година за главната награда „Златна палма“ се натпреваруваат 22 филма.