Македонија
Кај „Чинарот“ во Охрид се ѕида со одобрение за поставување урбана опрема
Општина Охрид ги одобрила градежните активности на плоштадот Чинар во Охрид, каде што минатата недела охриѓани алармираа за нова дивоградба. Иако на плоштадот се ѕида и се копа со багер, општинарите тврдат дека се работи за поставување урбана опрема. Градежниот иснпектор Слободан Дамјаноски донел решение во кое констатирал дека се спрема летна тераса. Тој денес не е достапен за објаснување како ѕидот стана урбана опрема.
Од Општината кусо изјавија дека е направен увид.
„Полиција и општински градежен инспектор излегоа на терен. Констатирано е дека нема ништо спорно бидејќи на постоен објект прават урбана тераса и имаат одобрение за урбана опрема“, велат од Општина Охрид.

Минатиот викенд со багер се уриваше платформата на пицерија во заштитеното градско јадро
Минатата недела увид во градежните активности направи Заводот и музеј Охрид. Директорката Елеонора Новаковска вели дека тие не издале мислење за проектот.
„Во извештајот испратен до Инспектартот констатиравме дека имало градежни активности, рушење и отстранување на урбаната опрема – затворена натстрешница. И кога се гради и кога се руши, треба да има дозвола. Кога имате урбана опрема во заштитената зона, мора да дојде проект за кој Заводот и музеј Охрид, а и ние, треба да дадеме мислење. За таа локација ние немаме добиено барање“, рече директорката Новаковска и најави детали по добањето на записникот од Општинскиот градежен инспекторат.

Се гради веднаш зад „Чинарот“, увид направиле од градежната инспекција на Општината и инспектори од Музејот и завод Охрид
Минатиот викенд неколкумина работници ја уриваа платформата која како летна тераса ја користеше локална пицерија, а Општина Охрид немаше никаков податок за градежните активности. Од Министерството за транспорт и врски објаснија дека никој не поднел, ниту може да поднесе барање за одобрение за градење оти земјиштето е сопственост на државата.
Надлежно за издавање одобрение за градење во охридската чаршија и на плоштадот Чинар е Министерството за транспорт и врски бидејќи просторот е дел од старото градско јадро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски од Охрид: Засилено работиме на завршување на автопатот Охрид – Кичево
Интензивно работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево. Користиме совремеми техники за да ги стабилизираме косините. Од 16, веќе 14 косини го стабилизираме и најголем дел се со галерии, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска од Охрид.
Тој истакна дека овие зафати за прв пат се прават во Македонија и ретко каде во регионот има такви инженерски потфати.
„Таму отидовме со решение, кое по мене требало да се направи уште кога почнал да се работи овој проект, за жал проекти немаше, геолошки истражувања немаше. Сега се направија проекти за 16 свлечишта, од кои што 14 ги стабилизираме, најголем дел се со галерии, едната е веќе готова кај селото Извор, втората почнува да се работи, очекувам до пролет три да се целосно завршени. Најголемиот проблем е кај селото Ботун, цела планина буквално се спушта таму. Таму ќе одиме со стабилизација во земја, 14-21метар ќе се спуштаме во земја, чисто за споредба тоа се згради од 4 до 5 спрата. Станува збор за техники кои што се модерни и најнови во инженерскиот систем, ветивме дека ќе го завршиме автопатот и ќе го завршиме, без разлика што се’ треба да се направи“, рече Николоски.
На новинарско прашање, дали во рокот ќе заврши изградбата на автопатот, вицепремиерот Николоски истакна дека динамиката на работите е одлична и дека очекувањата се автопатот да биде пуштен во рамките на договорениот рок.
Македонија
Утре почнува тестирањето на камерите, на неколку локации во Скопје сообраќајот ќе биде запрен
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20.01.(вторник) до 31.01.(сабота) ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените камери за сообраќаен надзор.
Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 08:00 до 20:00 часот.
За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
„Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“, велат од МВР.
Македонија
Мартин Гоџо го фати крстот во Охрид
Мартин Гоџо од Варош го фати светиот крстот што денеска, на празникот Богојавление Водици, беше положен во осветените води на Охридското Езеро.
На церемонијата присуствуваше и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој му честита на Мартин и се фотографираше со него.
„Би сакал да го честитам големиот христијански празник, Богојавление – Водици, за Охрид најголем празник. Драго ми е што имаме еден прекрасен ден, мислам дека имаше преку 20.000 луѓе кои се појавија на градското пристаниште, многу туристи, многу странци, што мислам дека многу значи за развој на градот и на туризмот и мислам дека ова што го прави општината предводена од градоначалникот Пецаков и со поддршка од Владата, ќе продолжи да дава резултати и во периодот кој што е пред нас. Да честитам на оној кој што го фати крстот, да посакам добро здравје, среќа, да го пратат во текот на годината и за убави работи да се гледаме“, рече Николоски.

