Македонија
Бадијала толкава борба за албанскиот, Адеми од ДУИ си зборуваше на македонски

Пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, заборави на борбата што пред еден месец се водеше во Собранието за официјализацијата на албанскиот јазик и на јавната расправа за формирањето на Агенцијата за национална безбедност тој се обрати на македонски јазик. Адеми ги изненади присутните, кои не разбираат албански и со слушалки чекаа симултан превод. За волја на вистината, излагањето на Адеми беше кусо, но тој овој пат реши да не го искористи правото да зборува на албански.
„Ние не само како Комисија и како Собрание имаме можност и во други пригоди да ги наметнеме нашите согледувања во однос на новото законско решение. Сметам дека треба да им дадеме повеќе простор на присутните професионалци од областа на безбедноста, да се искажат, затоа што тие ја немаат можноста што ние ја имаме“, рече Адеми од собраниската говорница.
Инаку, ова не е прв случај пратеници на ДУИ да зборуваат на македонски јазик во Собранието. Претходно, исто како и Адеми, неговиот колега Артан Груби на пленарна седница зборуваше на македонски јазик образложувајќи ја потребата од формирање на новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица застана зад независниот Зоран Николовски во Битола

Партијата Левица денеска објави дека на престојните локални избори ќе застане зад независниот кандидат за градоначалник на Битола, архитектот Зоран Николовски.
„Чест ни е да ја најавиме широката и победничка платформа за Битола со која Левица ќе настапи на престојните локални избори. И официјално ја информираме јавноста дека Левица ќе го поддржи најдобриот избор за кандидат за градоначалник на Битола – архитектот Зоран Николовски, како докажан професионалец и човек кој може да се пофали со проектите во својот роден град“, стои во соопштението од партијата.
Од Левица потенцираат дека Битола, како бастион на нивната партија, заслужува силен кандидат кој ќе донесе свежи идеи и промени.
„Веруваме дека поддршката за кандидатот Зоран Николовски претставува авангардна комбинација која ќе донесе нови решенија и развој за Битола“, нагласуваат од таму.
Платформата, според Левица, ќе биде составена од интелектуалци и професионалци кои целото свое знаење ќе го стават во служба на градот.
„На овие избори настапуваме со јасна визија за нашата Битола, во која ги обединуваме прогресивните и компетентни потенцијали. Создаваме платформа на интелектуалци и професионалци кои ќе работат за една идеја – Битола. За една света идеја – Битола“, порачаа од Левица.
Македонија
Големи гужви на Богородица, Табановце и на Меџитлија поради продолжениот викенд

Зголемени гужви се забележуваат на граничните премини во Македонија, каде што возачите се соочуваат со подолго чекање поради продолжениот викенд и летните патувања. Најголем застој има на Богородица, Табановце и Меџитлија, каде колоните од возила растат од час во час.
На граничниот премин Богородица чекањето за излез од државата е околу половина час, додека на Табановце задржувањата за влез и излез се движат од 40 минути до еден час. Слична состојба има и на Меџитлија, каде возачите известуваат за долги колони и нервозни реакции. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
И покрај гужвите на границите, од Авто-мото сојузот информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, со зголемен интензитет надвор од градските средини. Поради летниот бран патувања, се бележи голема фреквенција на возила, а на некои делници е можен и краткотраен застој.
АМСМ апелира возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да управуваат внимателно со возилата. Особено се посочуваат делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони. Најризични делници се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Борова шума гори во Берово, депонии во Прилеп и во Долнени во пламен, чади и во Вардариште

Македонија денеска се соочува со сериозна слика на теренот – до 12 часот регистрирани се вкупно седум пожари на отворен простор. Од нив, три сè уште се активни, еден е ставен под контрола, додека три се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи.
Најсериозната состојба е во Берово, каде над туристичката населба Абланица огнот зафатил висококвалитетна борова шума. Силниот пламен и густата вегетација го отежнуваат гаснењето, а екипите се на терен и се борат за да го спречат огнот да се прошири кон населбата.
Во општина Долнени, депонијата во селото Дебреште е зафатена од пламен, што предизвикува дополнителни проблеми со густ чад и непријатен мирис кој се шири кон околните села. Слична е ситуацијата и во Прилеп, каде пожар избувна во фабриката „Изофас“, каде што огнот се проширил на ниска вегетација. Таму пожарникарите дејствуваат за да спречат ширење кон индустрискиот дел.
Во Скопје, на територија на општина Гази Баба, огнот зафати ѓубриште во Вардариште. Благодарение на брзата реакција, овој пожар е ставен под контрола и не претставува закана за пошироката околина.
Добра вест е што три пожари веќе се изгаснати. Во Гевгелија, кај селото Конско, пламенот кој зафатил ниска вегетација и дива депонија е локализиран. Исто така, изгаснат е и пожарот на депонијата во селото Банско кај Струмица, како и оној во Дебар, каде што огнот се проширил на плевна во близина на градските гробишта.
Од ЦУК апелираат на внимателност, бидејќи високите температури и сувото време создаваат услови за брзо ширење на пожарите. Граѓаните се предупредуваат да бидат претпазливи и веднаш да пријават секое забележано жариште.