Европа
Муслиманите во Британија бараат средства за обезбедување на џамиите

По минатонеделниот напад во Нов Зеланд, во кој загинаа 50 лица, муслиманските водачи во Британија побараа од властите да им дадат средства за обезбедување на џамиите, како што тоа беше направено за еврејската заедница во земјата.
Харун Кан, генерален секретар на Муслиманскиот совет на Велика Британија, предупредува дека постои ризик од слични напади и во Британија.
Владата ја зголеми финансиската помош за еврејските институции по зголемувањето на бројот на антисемитските напади ветувајќи 14 милиони фунти за поддршка на безбедноста во речиси 400 синагоги и 150 еврејски училишта, што е еднакво на 25.000 фунти од институција.
Кан ја повикува владата да покаже иста таква поддршка и за муслиманските заедници.
Во писмото што Кан ќе ѝ испрати на премиерката на Британија се вели дека 52 отсто од целиот криминал од омраза на верска основа се злосторства против муслиманите. Тој додава дека со оглед на тоа што џамиите се отворени седум дена во неделата, ризикот од слични напади како тој во Нов Зеланд е голем, особено во време кога десничарското движење зема замав.
„Долгорочната посветеност на обезбедување на муслиманските заедници слично како еврејските е апсолутно неопходна во овие проблематични времиња кога се бориме со тоа да постигнеме рамнотежа меѓу потребата од безбедност и нашата желба за континуирана отвореност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Трагедија на Алпите: пронајдено телото на 15-годишниот планинар

Трагичен исход од потрагата во долината Аоста во Италија. Безживотното тело на странски планинар (15), по кого се трагаше од вчера, беше пронајдено рано утрово во областа Бека ди Виу, објавува „Раињуз“.
Телото беше пронајдено кратко по 6 часот наутро за време на пребарувањето на областа со хеликоптер. Спасувачите го пронајдоа на надморска височина од речиси 2.000 метри, а според првичните информации, младиот човек починал при пад.
Семејството го пријавило неговото исчезнување кај властите доцна вчера попладне. Младиот човек претходно успеал да им се јави и да каже дека е изгубен, што предизвикало итна и обемна спасувачка операција.
Во потрагата, која се одвивала и од копно и од воздух, учествувале членови на планинската спасувачка служба Валдостан, полиција, шумски служби и пожарникари, кои поставиле оперативна база во градот Валпелин.
Фото: принтскрин
Европа
(Видео) Ултралесен авион се урна во Италија, двајца загинати

Тешка авионска несреќа се случи вчера во италијанската покраина Бреша, каде што се урна ултралесен авион. Двете лица во авионот за жал починаа на местото на настанот, објавува „Раињуз“.
Авионот се урна во Ацано Мела, во непосредна близина на сообраќајната раскрсница Корда Моле што ги поврзува автопатите А4 и А21. По неколку часа, властите успеаја да ги идентификуваат жртвите. Станува збор за 75-годишен маж од Милано и неговата 60-годишна партнерка. Според достапните информации, авионот полетал од Пјаченца.
Двајца возачи на автомобили исто така беа индиректно вклучени во несреќата. Авионот се запалил при ударот, а возачите во тој момент минувале покрај местото на несреќата и поминале со своите возила низ пламенот. Еден од возачите, 56-годишен маж, бил однесен во болницата Полиамбуланца во Бреша како мерка на претпазливост, иако се чини дека немал никакви повреди. Другиот возач, на возраст од 49 години, бил прегледан на местото на настанот и не му била потребна хоспитализација.
За да се утврдат сите околности што довеле до несреќата, обвинителството во Бреша побарало помош од воздухопловната полиција во Милано. Во тек е истрага, со цел да се разјасни точната динамика и причината за оваа трагична несреќа.
Фото: принтскрин
Европа
Средба на лидерите на двете најголеми економии во Европа: имаат различни ставови за одговорот на царините на Трамп

Соочувајќи се со претстојниот рок за воведување царини за европскиот извоз во САД, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се среќаваат во Берлин на работна вечера на која ќе разговараат и за прашања поврзани со енергијата и одбраната.
Иако Франција и Германија бараат Европската комисија да спроведе трговски разговори со владата на Доналд Трамп во име на 27-те земји-членки, францускиот претседател и германскиот канцелар имаат намера да влијаат врз стратегијата на ЕУ, објавува АФП.
Средбата на лидерите на двете најголеми економии во Европа, според Елисејската палата, го илустрира „оживувањето на француско-германските односи“ поврзано со доаѓањето на конзервативниот Фридрих Мерц како канцелар.
Ова е прво патување на француски шеф на држава во Берлин откако беше инаугуриран Мерц, кој отпатува во Париз на почетокот на мај, денот откако ја презеде функцијата.
Средбата во среда во Берлин има за цел да ги финализира и подготовките за француско-германскиот министерски совет закажан за крајот на август во Франција. Сепак, овој интензивен билатерален дијалог не ги избриша сите несогласувања.
Различни пристапи кон преговорите со САД
Соочен со непопустливоста на Вашингтон, кој ѝ се заканува на ЕУ со дополнителни 30 проценти царини од 1 август, Париз се залага за „цврст став“ од Брисел. Овој став го потврди и францускиот министер за индустрија Марк Ферачи, кој се сретна со својот германски колега во Берлин во понеделникот.
Германија, од друга страна, се залага за „прагматичен“ пристап, нудејќи концесии за зачувување на клучните сектори од својата извозна индустрија каде што САД се нејзин најголем клиент.
Сепак, и француската и германската влада велат дека ги поддржуваат одмаздничките мерки подготвени од Комисијата во случај на неуспех во постигнувањето договор со Вашингтон.
Енергетска политика и одбрана
Париз и Берлин, исто така, не ги решија сите свои разлики околу енергетската политика, што е долгогодишен проблем, иако има знаци на зближување. Франција инсистира на концептот на „технолошка неутралност“, така што нуклеарната енергија се третира слично како обновливите извори на енергија во европското законодавство.
Класификацијата на нуклеарната енергија како „зелена“ енергија на ниво на ЕУ беше главна точка на несогласување меѓу Французите и Германците во минатото.
И додека Париз и Берлин сакаат да бидат движечката сила зад повторното вооружување на Европа за да се спротивстави на американското повлекување и руската закана, заедничкиот развој на Future Combat Aircraft (FCA), водечки проект за одбраната на континентот, е во застој. Министрите за одбрана на двете земји треба да се сретнат во Германија во четврток, каде што би можеле да разговараат за ова прашање.
Германскиот канцелар продолжува да се стреми да го зајакне влијанието на Германија на меѓународната сцена и се потпира на зајакнување на односите со Париз и Лондон, кои ги посети во јули за да ги унапреди заедничките иницијативи за безбедноста и имиграцијата.
Фото: принтскрин