Регион
Европскиот Фонд за Балкан прогласен за „Шампион на регионална соработка“ за 2015-та година
Европскот Фонд за Балкан е добитник на овогодинешната награда Шампион на регионалната соработка, признание што се доделува на индивидуалци или институции за кои Секретаријатотот на Регионалниот совет за соработка и Генералниот секретар, сметаат дека придонеле најмногу за развојот на регионалната соработка во Југоисточна Европа во текот на изминатата година.
Наградата и беше доделена на Хедвиг Морваи, Извршна директорка на Европскиот Фонд за Балкан од страна на Горан Свилановиќ, генерален секретар на Регионалниот совет за соработка, на свечената церемонија што се одржа во Сараево на 25-ти февруари,2016.
„Ова признание од РСС, значи дека сега сме во позиција да ги комуницираме нашите препораки и планирани акции поврзани со регионалната соработка од перспектива на регионални шампиони. Европскиот фонд за Балкан секојдневно го бележи ритамот на регионалната соработка, со оглед на тоа што редовно добиваме повратни информации од широк круг на влијателни луѓе, невладини и владини институции ширум Балканот. Веруваме во потребата за негување на културата на регионална соработка, што во поширока смисла значи дека регионалната соработка е начин да се постигне напредок и менување на дискурсот во земјите од регионот“, изјави Морваи во нејзиниот поздравен говор.
Според неа, регионалната соработка мора да егзистира и да се развива посебно, давајќи им поттик на многу важни иницијативи, но и различни профили на луѓе како бизнисмените, локалната самоуправа, цивилното друштво, граѓаните итн. Фактот што РСС го награди ЕФБ со оваа титула за неа е потврда дека цивилните инцијативи континуирано работат на развојот на регионалната соработка, а нивната работа често ги надминува мандатите на владите и политичките несогласувања./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Девојка нападнала полицаец со нож во Белград, тој ја застрелал во ногата
Во центарот на Белград, пред полициската станица Савски Венац, рано утрово околу 4 часот, 24-годишна државјанка на Босна и Херцеговина со нож нападнала полицаец на должност, кој потоа ја ранил во ногата, дознава српски Телеграф.
Според српските медиуми, инцидентот се случил на влезните скали на станицата. Полицаецот прво се обидел да избегне повеќекратни напади и да ја совлада девојката, но таа не се откажала од нападот и покрај неговите предупредувања. За да се одбрани, полицаецот бил принуден да го употреби службениот пиштол и ја застрелал во ногата.
Девојката е однесена во болница
Девојката по инцидентот веднаш била однесена во Военомедицинската академија (ВМА). Според првичните информации, таа е свесна, комуникативна и претрпела повреда на долниот екстремитет. Полицијата спроведе истрага на лице место. Мотивот за нападот врз службеното лице засега е непознат и ќе се утврди за време на детална истрага што ќе ја спроведат надлежните органи.
Регион
(Видео) Немања Шаровиќ нападнат во Белград
Немања Шаровиќ, поранешен истакнат член на Српската радикална партија на Шешељ и долгогодишен соработник на Воислав Шешељ, а сега новинар на КТВ Зрењанин познат по исмејувањето на поддржувачите на Српската напредна партија (СНС), беше нападнат вчера во Белград за време на митинг организиран од поддржувачите на Александар Вучиќ.
Шаровиќ со години беше едно од најпрепознатливите лица на Српската радикална партија, пратеник во српскиот парламент и еден од најблиските луѓе на Воислав Шешељ. По разделбата со Шешељ, тој го основа движењето „Љубов, вера, надеж“, а потоа се сврте кон медиумскиот активизам. Во последниве години, тој привлече големо внимание со видеа во кои ги посетува митинзите на СНС со микрофон и редовно се исмејува со поддржувачите на Вучиќ. Токму овој вид содржина, пофалена и критикувана во Србија, го претвори во една од повидливите фигури на антирежимската сцена.
Тој бил нападнат со шишиња и петарди, а микрофонот му бил исфрлен од рака
Како што објави Н1 Србија, Шаровиќ и екипата на КТВ биле на терен кога митингот на СНС станал агресивен. Снимките покажуваат како толпата го напаѓа, го навредува и фрла предмети кон него. Во еден момент, еден од поддржувачите на Вучиќ насилно му го исфрлил микрофонот од рака. Според Шаровиќ, кон него летале шишиња, петарди и други предмети.
Иако е јасно дека се случил физички напад врз новинарската екипа, полицискиот кордон што бил во непосредна близина не реагирал. Според Н1, толпата постојано ја повикувала полицијата да го запре насилството, но тие само го гледале настанот.
фото: принтскрин
Регион
Грција воведува микрочипови за следење на домашните животни по скандалот за злоупотреба на субвенциите од ЕУ
Грчката влада планира да воведе микрочипови за следење на домашните животни и нивно регистрирање во дигитална база на податоци, со цел да се врати довербата во управувањето со земјоделските субвенции по неодамнешниот скандал со измама и злоупотреба на субвенциите од ЕУ.
Според акциониот план што денес беше доставен до Европската комисија, новиот систем треба да овозможи точно евидентирање и следење на секое животно, објавува „Еурактив“.
Додека не стане целосно оперативен, бројот на грла ќе се проверува преку фактурите за продажба на млеко и месо, како и евиденцијата за купување храна за животни.
Европското јавно обвинителство претходно откри злоупотреби во кои сточарите на Крит пријавиле нереално голем број кози и овци во споредба со капацитетите на островот.
На овој начин, земјоделците нелегално добиле повисоки субвенции од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), објаснува бриселскиот портал.
Од 2020 година, бројот на регистрирани животни во Грција скокна од 2,2 милиони на дури 7,8 милиони, што претставува околу 45 проценти од вкупниот добиток во земјата.
Во планот, владата се обврза и на создавање нова дигитална геопросторна мапа на земјата, како и на развој на алатка за проверка на сопственоста на земјоделските парцели.
Во исто време, незадоволните грчки земјоделци најавија протести во Атина на 11 ноември, поради, како што велат, слабиот одговор на властите на аферата што ја потресе земјата.
Минатиот месец, најмалку 37 лица беа уапсени низ цела Грција како дел од истрагата за лица кои фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од Европската Унија.
Грчката полиција проценува дека осомничените добиле 20 милиони евра субвенции во периодот од 2018 до 2022 година, а дека околу половина од таа помош е добиена нелегално.
Претресите беа спроведени во соработка со грчката полиција и Европското јавно обвинителство (EPPO).
Порано оваа година, европските обвинители објавија дека пронашле докази дека земјоделците и одредени владини претставници ја измамиле Европската Унија за да добијат субвенции, почнувајќи најдоцна од 2019 година.
Грчкото обвинителство започна истрага против владината агенција ОПЕКЕПЕ, која управува со земјоделските субвенции и годишно дистрибуира околу 2,5 милијарди евра помош.

