Македонија
„Сите сити“ обезбеди 210.000 оброци за социјално загрозените граѓани

Повеќе од 460.000 граѓани во Македонија не може да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, а од друга страна, илјадници тони безбедна храна се фрла на депониите. За да се надмине овој проблем, мрежата „Сите сити“, со поддршка на швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот корпус, Националниот демократски институт и „Публицис“, изминатата година го воспоставија првиот систем за донирање на вишокот храна во Македонија.
„Станува збор за систем што има цел вишокот храна, кој сè уште е во добра состојба и безбеден за употреба, да не заврши во депониите, туку да се пренамени онаму каде што е реално неопходен. Ова е навистина комплексен систем, но свесни сме од колкаво значење е за иднината на сите нас, па оттаму ‘Сите сити’, покрај примарната цел храната да стигне до поединците и семејствата што не може да си дозволат повеќе оборци во текот на денот, исто така се грижи и сметаме дека е многу важно да ја подигнеме и свеста кај луѓето за важноста за правилно третирање на вишокот храна. За големината на општествената промена зборува фактот што изминатиот период повеќе од 210.000 оброци храна им се донираа на повеќе од 3.300 граѓани“, изјави Блаже Јосифовски, координатор на мрежата „Сите сити“.
Системот се состои од законски промени, мрежа за дистрибуција и транспорт, кампања за подигнување на свеста, подигнување на капацитетите на членките на системот и веб-платформа за размена на храната. Дистрибуцијата на храна е индиректна, односно храната од бизнисите на над 30 граѓански организации од 10 града завршува кај социјално загрозени граѓани кои се корисници на нивните услуги. Ова беше полот-систем изминатата година на подрачјето на Скопје, со одделни акции во уште 9 града во Македонија, а планот е од оваа година да се прошири низ цела Македонија.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, смета дека преку ваквиот систем се постигнуваат два ефекта – помалку отпад и храна во ѓубрето, но и помалку гладни во земјата.
Пред две години само констатиравме состојба со гладот во државата и дека се фрла храна, а имаме гладни луѓе. Сега, само по две години, веќе има реализација на програмата, и тоа финансирана преку државните институции, каде што граѓанските организации се обединуваат и се обидуваат да постигнат максимум во задоволување на потребите од храна на граѓаните. Од друга страна, како што велат од мрежата, превенирале 68 илјади тони храна да не завршат на ѓубриште. Тоа покажува дека можеби ова решение, што тие го спроведуваат понатаму, ќе доведе до системско решение, а ние како Влада во 2020 година ќе го разгледаме низ системски и законски решенија и ќе го воспоставиме во пракса, рече Царовска.
Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, ова е едно од оние решенија што ни е пред очи, но, како што рече, само треба да ги видиме и храброст да ги предложиме и спроведеме. Со ова, вели, се прави разлика во животот на оние на кои храната им е најпотребна.
Главните извори од каде што се собира вишокот храна и се пренаменува се: производителите на храна, дистрибутерите, угостителските објекти, пекарниците и др. Најголемите компании што се вклучија се: „Виталија“, „Жито леб“, „Витаминка“, „Јоми фуд“, „Кола“, „Еуротабак“, „Евромак“, „Грандекс“ и други.
На овој настан им се доделуваа награди и признанија на поддржувачите и волонтерите на „Сите сити“
На крајот на конференцијата за печат се даде повик: „Им се радуваме на сите нови бизниси со храна што ни се приклучуваат во овој голем подвиг наречен ‘Сите сити’ и ги повикуваме сите бизниси да се вклучат во спасувањето и донирањето храна за социјално загрозени граѓани“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор

Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.
Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.
Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
Исчезнатиот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, соопшти семејството

83-годишниот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, кусо соопшти семејството. Тие заедно со полицијата го бараа од вчераутро откога излегол од својот дом во Фалише да оди кон Тетово, но не можеле да го најдат.
Семејството вели дека го пронашле на патот кон Тетово, контактибилен, но го однеле во болница за дополнително да му ја проверат здравствената состојба.
Македонија
(Видео) „Нема учебници за учениците“, СДСМ бара оставка од Јаневска

„Помина половина месец од почеток на учебната година, а учебници нема за илјадници ученици. Ова е најдобар доказ за целосната неспособност на министерката Весна Јаневска“, вели Јованче Манасков од СДСМ.
„Иако, самата Јаневска тврдеше дека на 1 септември ќе има учебници за сите ученици, дека нема да има парталави учебници, дека тие ќе бидат заменети со нови, реалноста денеска е поразителна, учебници нема, а тие што ги има се искинати и неупотребливи.
Со една работа се пофали Јаневска и излажа! Учебници нема!
Признанието на Јаневска дека учебници нема, но дека допрва ќе се обезбедувале преку донации е скандалозно.
Па што му е работа на Министерството за образование и наука, да моли донации или навреме да обезбеди книги за децата?!
За што е платена Весна Јаневска од граѓаните? За сликање или за обезбедување на основните услови за настава?
Не може учениците и родителите да бидат жртви за оваа неспособност. Поради неспособноста да обезбеди основни услови во образованието, бараме оставка од министерката Весна Јаневска.
Учениците, родителите и наставниците заслужуваат образовен систем кој функционира“, соопшти Јованче Манасков од СДСМ.