Свет
Турција ги распореди првите руски системи С-400

Руските ракетни системи С-400 што Турција ги купи најпрво ќе бидат распоредени во воздухопловната база „Миртед“, претходно позната како воздухопловна база „Акинчи“, која се наоѓа северозападно од Анкара, објави „Јени Шафак“, цитирајќи воени извори.
Според весникот, базата ќе стане главен центар за испраќање на руската воздушна опрема, но подоцна С-400 може да се премести во други региони.
Покрај тоа, Министерството за национална одбрана и Генералштабот планираат годинава да испратат делегација од 100 луѓе во Азербејџан за да го анализираат противракетниот одбранбен систем С-300 ПМУ2, пред да се упатат кон Русија каде што турските војници ќе бидат обучени за ракување со С- 400 години пред распоредувањето на системот до октомври.
Анкара и Москва потпишаа договор вреден 2,5 милијарди долари за испорака на четири баталјонски комплети С-400 во Турција во 2017 година, потег кој беше силно критикуван од САД. Вашингтон ја притиска Анкара да се откаже од договорот со Русија, нудејќи ги како алтернатива своите системи за воздушна одбрана „Патриот“.
Турција ја одби понудата од 3,5 милијарди долари, велејќи дека во иднина може да купи системи од САД, но одби да го откаже купувањето на С-400 како предуслов.
Како одговор, портпаролот на Пентагон, Чарли Самерс, ја предупреди Турција за сериозни последици во однос на воените односи со САД и се закани дека ќе ја лиши Анкара од борбените авиони Ф-35 произведени во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.
Свет
Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала кон Украина

Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала и една балистичка ракета кон територијата на Украина, објавија утринава украинските воздухопловни сили.
Нападите во текот на ноќта беа насочени кон области на линијата на фронтот во регионите Суми, Доњецк, Чернигов и Дњепропетровск, објавија воздухопловните сили на каналот Телеграм.
Оттаму, исто така, наведуваат дека нивните единици за противвоздушна одбрана уништиле 61 беспилотно летало.
Главниот штаб на украинските вооружени сили објави во својот дневен утрински извештај дека во текот на изминатите 24 часа на линијата на фронтот имало 139 судири со непријателот.
Од друга страна, руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнале и уништиле 29 украински дронови над различни руски региони, вклучувајќи 10 беспилотни летала над Ростовскиот регион, објавија утринава руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, по нивната вчерашна средба во Алјаска, не споменаа ништо за потенцијален прекин на огнот во војната во Украина.
Свет
Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, објави Зеленски на Телеграм по денешниот телефонски разговор со Трамп, јави ДПА.
Зеленски рече дека претходно телчефонски разговарал со Трамп повеќе од час и половина, откако американскиот претседател синоќа се сретна со рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска.
„Во понеделник ќе разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната“, рече Зеленски, додавајќи дека е „благодарен за поканата“