Македонија
Османи: Потребна ни е поддршка во ширењето на европската приказна на Балканот

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се сретна со претставниците од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Кристијан Хелбах и Томас Осовски, кои се во работна посета на земјава.
„Од аспект на европските интеграции, Германија отсекогаш сме ја сметале за наш стратешки партнер, во чии иницијативи ги наоѓаме мотивацијата и перспективите за нашиот успех“, изјави Османи изразувајќи огромна благодарност за континуираната поддршка од страна на СР Германија за нашите напори во исполнувањето на препораките на ЕУ, како и за севкупните активности на Германија во насока поддршка на политиката на проширување на ЕУ на земјите од Западен Балкан.
За време на средбата Османи се осврна на динамиката на спроведување на реформите предвидени во план 18, при што посочи на континуитет на реформскиот процес преку конкретен напредок во клучните реформски области – правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои ќе претставуваат основа за овогодишниот извештај на Европската комисија, а воедно изрази и уверување дека истиот по квалитет ќе го замени минатогодишниот.
„Во периодот што ни претстои неопходна ни е поддршка од страна на сите наши пријатели внатре во Унијата за да ја прошириме европската приказна на Балканот, и да го отстраниме европскиот скептицизам преку конфирмација на одлуката за отпочнување на преговорите со Република Северна Македонија на јунските самити на Европската Унија“, истакна Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на БЈБ: Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање

Директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев учествуваше со свое излагање на 7. Западнобалкански дигитален самит кој се одржува во Скопје од кој Македонија испраќа силна порака за регионална соработка и заедничка дигитална иднина.
„Сајбер-нападите сè почесто ги таргетираат институциите, нарушуваат услуги и ја поткопуваат довербата во системот, па оттаму неопходно е постојано вложување во едукација, како на полициските службеници, така и на јавната администрација, со цел навремено препознавање и реагирање на сајбер-инциденти. Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање, па во таа насока за надминувањето на предизвиците неопходна е регионална и меѓународна соработка, како и активно вклучување на приватниот сектор во развојот на иновативни решенија“, истакна директорот Јанев во своето излагање.
Јанев ги нагласи можностите и плановите за користење на вештачка интелигенција во полициското работење, со цел побрза и поефикасна обработка на податоци и навремено донесување одлуки.
„SOCTA 2025 потврдува дека сајбер-криминалот е во пораст и мора да остане висок безбедносен приоритет. Само преку координирана акција и споделена одговорност можеме да изградиме отпорен и безбеден јавен сектор“, потенцираше на крај директорот Јанев.
Македонија
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети, кој е на црната листа на САД

Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, од функцијата. Инаку, тој во декември минатата година, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД за примање мито и одолговлекување судски предмети поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, на 26.05.2025 година донесе одлука за негово разрешување.
Беџети ја обжали одлуката, а Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението на Судскиот совет од мај годинава.
Груби и Беџети лани беа ставени на црната листа на САД.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува јавната доверба. Никој не е над законот, а одговорноста е од суштинско значење за напредок“, рече тогаш американската амбасадорка, Ангела Агелер.
Македонија
Вработени во Општина Гази Баба организирале создавање и палење депонии, објави Арсовска

Општината Гази Баба и нејзиното јавно претпријатие се затекнати во незаконски активности кои директно ја загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Возила со општински ознаки, кои само пред една недела добија нови црвени таблици заради разграничување од комерцијалните, се затекнати во создавање диви депонии на подрачјето на Јурумлери, објави градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
Наместо да ја извршат својата законска обврска и да го исчистат просторот на Вардариште, додава таа, одговорните во општината самите организирале создавање на депонии.
Дополнително, вели Арсовска, дел од нив биле и запалени, со што е предизвикано сериозно загадување.
„Оваа практика претставува сериозен доказ дека дел од општинските структури активно учествуваат во создавањето и ширењето на диви депонии, а потоа свесно ги палат, со што предизвикуваат голема штета по животната средина и по квалитетот на воздухот. Потсетуваме дека ваквите активности се во директна спротивност со законските обврски на општините и претставуваат кривични дела за кои мора да следи соодветна одговорност“, вели Арсовска.
Таа ги повика сите надлежни органи веднаш да постапат согласно законските надлежности.