Култура
Во филмот „Црно семе“ режисерот Ценевски ја исфрлил музиката, не сакал никој да плаче
Со емотивен и прецизен осврт кон филмскиот опус на Кирил Ценевски и со проекција на неколкуминутен архивски материјал од режисерот, денеска во Кинотеката беше промовирано дигиталното издание што ги содржи играните филмови на Ценевски„Црно семе“ (1971), „Јад“ (1975), „Oловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985). Реставрираното издание кое го направи Кинотеката, има и додатоци со избор на сцени, , автори и соработници, фотогалерија, содржина, резиме и извадоци од печат.

Филмскиот критичар Влатко Галевски, се осврна на како што рече на интимните сегменти од творештвото на Ценевски, нарекувјќи го бунтовниот режисер кој беше самосвесен човек и уметник. „Ценевски во кариерата се водел од правилото кое го запаметил од едно од предавањата на американскиот продуцент и сценарист Роберт Вајс: „Професијата режисер е да знаеш да бараш нешто да се направи, а не да покажуваш како нешто се прави. Никогаш немој да ги учиш глумците како да глумат, снимателот како да снима. Со своите филмови Кирил Ценевски е бунтовник. Бунтовност насочена не кон човекот, ни кон луѓето, туку кон системите. Кон прагмите, кон конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките на уметноста и животот“, рече Галевски.
Галевски го откри и деталот дека во филмот „Црно семе“, режисерот решил да нема музика, но наместо тоа во филмот доминираат звуците на копачите, брановите, штурците.
„Конечното решение беше на одјавната шпица да оди песната „Со маки сум се родила“, но на една затворена проекција пред премиерата, Ценевски забележал дека некој во публиката плачел и побарал да се исфрли музиката. Ценевски рекол „Не сакам да се плаче на мојот филм“. Така „Црно семе“ остана без ниту една нота. Музиката во филмот ја правеа копачите, брановите, штурците и тишината“, рече Галевски.
За директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија.

„Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, „Црно семе“ , ги освои не само најважните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали“, рече Ангелов.
На промоцијата присуствуваше и српскиот актер Лазар Ристовски кој ја толкува улогата на ликот Никола во филмот „Јазол“. Во чест на гостите на промоцијата во кино салата и во фоајето на Кинотеката се одржа проекција на „Јазол“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

