Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Терористите од ИСИС добија три пати помали казни од осудените за 27-ми април
ВМРО-ДПМНЕ утрово оцени дека е срамота што терористите од ИСИС, добиле три пати помали казни од осудените за 27-ми април
„Срамен е фактот што повратниците од војните на Блискиот Исток, терористи кои се бореле на страната на ИСИС, кои егзекутирале луѓе на идеолошка основа, добија затворски казни од 6 години, три пати помали казни од оние кои им беа изречени на полициските службеници во политички монтираниот случај 27-ми април. Припадниците на ИСИС добија помали казни од патриотите и припадниците на македонските безбедносни сили кои животот го посветиле во одбрана на Република Македонија кои добија 211 години затвор и беа прогласени за терористи“, вели опозицијата преку соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека политичките затвореници не се одлика на една демократска држава, аспирант за членство во ЕУ. Партијата нагласува дека Македонија е единствена држава во демократска Европа која има политички затвореници во своите затвори.
„Како и пресудите така и притворите во политичката монтировка наречена 27-ми април се уште едно грубо прекршување на основните човекови права и правните начела. Притворите за осудените се неосновани и неважечки со оглед на фактот што во моментот се уште се на сила паричните гаранции кои ги дадоа обвинетите“, додава ВМРО-ДПМНЕ.
Кривичниот суд во Скопје вчера ги осуди на 6 години затворска казна шестмината македонски државјани кои биле дел од паравоената формација на ИСИС, додека за еден од обвинетите изречена е казна затвор од 9 години за „терористичка организација“ како дополнително дело кое му се става на товар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.
Македонија
Министерот Муцунски домаќин на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Скопје го пречека министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул, кој во рамки на својата работна турнеја на Западен Балкан ја оствари првата официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата министерот Муцунски изрази задоволство од посетата, потенцирајќи дека таа уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава. Посетата претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот.

Двајцата министри го поздравија интензивниот политички дијалог на високо ниво што двете земји го развиваат повеќе од три децении. Се согласија дека сеопфатната билатерална соработка во сите сектори претставува цврста основа за понатамошно интензивирање на дијалогот и развивање нови форми на партнерство.

Министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информираше министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.

Министерот Вадефул увери дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и на нашата држава. Тој нагласи дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.

