Регион
БиХ има најмногу зависници од коцкање во регионот
Во Босна и Херцеговина продолжува трендот на зголемување на бројот на зависници од коцкање, изјави управникот на Клубот за лечење на зависниците од коцка во Мостар, Марко Ромиќ кој додаде дека во Босна има најголем број обложувалници во Европа, во однос на бројот на жители.
Тој за „Фена“ рече дека БиХ по бројот на зависници предничи во регионот, а во последно време сѐ повеќе жени бараат помош поради коцката.
„Имавме за пример една старица која сета своја пензија заработена во странство, ја потрошила на бинго и обложувалници. Таа во еден ден ја потрошила целата пензија, која изнесувала околу 1.500 марки, а кога не знаела како да се справи со проблемот, почнала да размислува на самоубиство“, рече Ромиќ.
Истакна дека често се коцкаат лица со подобра материјална состојба и меѓу нив има многу угледни граѓани, како и доктори и инжинери.
Додаде дека мажите најмногу се зависни од спортско обложување, трки, апарати и рулет, а жените од бинго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Почина 13-годишното девојче кое падна од шести кат од зграда во Мостар
Почина тринаесетгодишното девојче кое падна од балконот на шестиот кат во зграда во Мостар.
Информација за „Аваз“ ја потврдил Људевит Мариќ, портпарол на полицискиот оддел на МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Инцидентот бил пријавен во полиција во 14 часот и 30 минути, а на лице место бил спроведен увид, предводен од дежурниот кантонален обвинител на Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Како што беше речено, преземени се сите потребни истражни дејствија за целосно расветлување на сите околности на овој настан.
Во моментот на падот, според „Аваз“, девојката била сама во станот, а малку порано нејзината мајка излегла да пазари во блиската продавница.
Откако дознала за несреќата, жената доживеала шок.
Регион
Тринаесетгодишно девојче паднало од шести кат од зграда во Мостар
Тринаесетгодишно девојче е во тешка состојба откако паднало од балкон на станбена зграда во Мостар.
Таа е хоспитализирана во Универзитетската клиничка болница Мостар, пренесува Klix.ba потврда од оваа здравствена установа.
Според првичните информации како што пишува медиумот тоа се наоѓа на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Според неофицијални информации, девојката паднала од шести кат.
Засега не се познати околностите за нејзиниот пад, според написите.
Регион
Борисов ја повлекува кандидатурата за премиер
Лидерот на централно-десничарската бугарска партија ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, ја повлече својата кандидатура за премиер на Бугарија и одлучи да го врати мандатот за формирање влада.
„Не сакам повеќе да се занимавам со оваа земја. Ќе го вратам мандатот штом го добијам“, изјави Борисов на прес-конференцијата.
Борисов ја донесе одлуката по неуспешните преговори за коалиција по парламентарните избори во октомври, на кои ГЕРБ освои најмногу гласови, но без доволно мнозинство за самостојно да формира влада.
Минатата недела Борисов и понуди на коалицијата „Продолжување на промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) поддршка за кандидатурата на Атанас Атанасов за претседател на парламентот, под услов да формираат заедничка влада со него како премиер, но тој предлог беше одбиен.
Парламентот се уште е блокиран, а пропаднаа и обидите за избор на претседател на Собранието.