Свет
Почина Рафи Ејтан, шпионот што го улови нацистот Адолф Ајхман
Рафи Ејтан (92), еден од водечките агенти што го уловија нацистичкиот воен злосторник Адолф Ајхман, почина во саботата во медицинскиот центар „Сураски“ во Тел Авив, објави Ynet News.
Еитан беше еден од осумтемина што отпатуваа во Аргентина во 1960 година за да го фатат Ајхман, еден од главните архитекти на холокаустот, во кој беше забележан системски геноцид врз 6 милиони Евреи за време на Втората светска војна.
Ајхман потоа беше пренесен во Израел за да му се суди. Тој беше осуден на смрт со бесење и беше егзекутиран во 1962 година.
Еитан се смета за еден од основачите на израелската разузнавачка заедница бидејќи не само што беше агент на Мосад туку служеше и во „Шин Бет“, агенција за национална безбедност на Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху го нарече Ејтан херој, пренесува „Џерусалем пост“.
„Рафи беше еден од хероите на разузнавачката служба на Израел во безброј дела за безбедноста на земјата“, рече Нетанјаху. „Не постои пандан за неговата мудрост, духовитост и бесконечна посветеност на израелскиот народ и на нашата земја“.
Претседателот Рувен Ривлин изјави дека Израел ја жали неговата смрт со глава наведната во негово сеќавање и со длабока благодарност.
„Изгубивме храбар борец, чиј придонес за безбедноста на Израел ќе се раскажува кај генерациите што доаѓаат. Рафи Ејтан беше роден борец кој се држеше до својата мисија и до она што е правилно“, напиша тој на „Твитер“.
Ејтан е роден 1926 година во кибуц во Израел во семејство на ционистички руски имигранти. Во 1944 година, на возраст од 18 години, ја почнал својата разузнавачка кариера со тајната еврејска милиција наречена Палмах, објави „Хаарец“.
Директорот на Мосад, Јоси Коен, рече дека Ејтан бил еден од основачите на разузнавачката заедница и особено на Мосад.
„Неговите активности ќе бидат запишани во златната листа на историјата на државата“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

