Македонија
Царовска: Поделеното родителско отсуство е важно за раниот детски развој
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска учествуваше на панел-дискусијата „Споделено родителско отсуство – Зошто е важно, најдобри практики и искуства“, организирана од граѓанската организација „Реактор“. Тема на дебатата беа унапредување на правата на родителите, родовата еднаквост, раниот детски развој и креирање закон за работни односи во кој породилното отсуство што ќе го користи таткото нема да биде условено од користењето на породилното од мајката.
„Како Влада на која секое дете ѝ е важно, но и која работи на унапредување на родовата еднаквост, сметаме дека воведувањето на споделеното родителско отсусво ќе значи многу за раниот развој на детето, кој е многу важен, но и за присуството на двајцата родители на пазарот на трудот, што во пракса најчесто тоа е таткото“, рече министерката Царовска.
Сегашното законодавство предвидува до седум дена максимално отсуство за татковците. Иако отсуството за мајките е преносливо, тоа не може да се подели помеѓу родителите, што значи дека за да може татковците да го земат отсуството, мајките мора целосно да се откажат од него.
Царовска најави дека во новото законско решение, кое е во фаза на подготовка, ќе бидат земени во предвид најдобрите европски пракси и тој ќе биде изготвен во претходна консултација со сите засегнати страни.
На панел-дискусијата говореа и преставникот на УСАИД, Едвард Гонзалез, Марија Башевска, претседателка на „Реактор – Истражување во акцијa“, Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, проф. д-р Орхидеја Шурбановска од Институтот за психологија, Ангел Гина, татко што има искористено родителско отсуство во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Собраниска делегација на состаноци на ПС на НАТО во Брисел: разговарано за состојбата со безбедносните ризици во Европа
На традиционалните „Февруарски состаноци”, на кои седници одржуваат повеќе комитети на ПС на НАТО, во Брисел, Кралството Белгија, учествува Делегацијата од Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО.
Состаноците се предвидени за учество само за постојаните делегации од националните парламенти на земјите членки на НАТО, со главна цел за продлабочување на дијалогот во НАТО институциите, размена на искуства и анализирање на актуелните безбедносни предизвици и јакнење на солидарната сојузничка одбрана.
Од Собранието на Република Северна Македонија учествува Делегацијата во ПС на НАТО, во состав од пратениците: Драган Ковачки, шеф на делегацијата, членката Славјанка Петровска и заменик-членот Илир Хасани.
На состанокот со Северноатлантскиот совет, со кој заеднички претседаваа претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, учествуваа шефовите на националните парламентарни делегации.
Во обраќањата и дискусиите беше истакнато дека НАТО, соочен со безбедносни предизвици, останува камен-темелник и гарант на колективната одбрана и заедничките демократски вредности, а посветеноста на земјите членки содржана во Договорот од Вашингтон и понатаму ќе ги чува граѓаните безбедни. Обврските од Самитот на НАТО во Хаг се историски во контекст на јакнењето на Алијансата, а сега, во предвечерјето на Самитот на НАТО во Анкара, тие треба да се финализираат со највисока стапка на реализација. Беше подвлечено дека и покрај разликите низ децениите, Европа и Северна Америка успеваат да најдат заеднички јазик за отворените прашања. Парламентарците се согласија да продолжат со поддршката за Украина и да работат заедно на мировен договор со цврсти гаранции и спречување на идни деструктивни дејствија.
За време на состаноците во комитетите, беа дискутирани прашања поврзани со: одбраната и безбедноста на секој метар од евроатлантскиот простор; за руските и кинеските предизвици по евроатлантската безбедност; за хибридните закани и НАТО во контекст на стратешко планирање; за НАТО партнерствата како витален и важен дел од политиката на Алијансата; за визиите кон НАТО 2035, како и за напорите на ЕУ и НАТО во развој на одбранбената индустрија и безбедносните капацитети и улогата на парламентот во процесите на одлучување. Се разговараше и за состојбата со безбедносните ризици во Европа, стратешките приоритети на Алијансата и важноста на колективната одбрана во контекст на новите глобални предизвици.
Парламентарците имаа можност да се вклучат во директна дебата со повеќе истакнати и реномирани говорници, а им се обратија и белгискиот министер за одбрана и надоврешна трговија, Тео Франкен, заменик-генералниот секретар на НАТО, Џејмс Апатураи и заменик-шефот на НАТО претставништвото во Украина, Петер Хауге Берг.
Учеството на Делегацијата на овој настан претставуваше значајна активност во зајакнувањето на парламентарната дипломатија и поддршката за реформските чекори во глобалните динамични процеси, кои се од суштинско значење за нашата земја како членка на НАТО.
Македонија
Скијач од Данска повреден во снежна лавина на Попова Шапка
Скијач од Данска е пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди е пренесен во болница во Скопје.
Вчера во 14:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека на Попова Шапка, кај местото викано „Церипашина“, екипа од друштво за спортски и други услуги со специјално возило во 16:10 часот го пронашла лицето Ф.М.Л. (24) од Данска, кој бил повреден од снежна лавина додека скијал.
По укажаната помош, лицето со амбулантно возило е пренесено во приватна болница во Скопје.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.

