Свет
Француска двојка казнета за носење облека со поддршка на „Жолтите елеци“
Полицијата во Париз во саботата казнила француска двојка за носење облека што ја поддржува политиката за референдум инициран од граѓаните (РИЦ) за кој се залага движењето „Жолти елеци“, пренесува „Ле фигаро“.
Двојката Жером и Беатрис добила глоба во близина на Триумфалната порта бидејќи едниот од нив носел џемпер на кој пишува „Да, за РИЦ, реков ‘да’ за референдум инициран од граѓаните“.
Полицијата ѝ рекла на двојката дека протестот е забранет во областа и дека пораката на облеката претставува повреда на забраната за протест. Потоа ги казнила со парична казна од по 135 евра, но тие не ја платиле казната.
„Ова е злоупотреба на моќта“, рече Жером и додаде: „Ние веќе немаме право да се изразиме слободно во Франција“.
Неговата партнерка Беатрис изјави: „Не планиравме да демонстрираме на Елисејските полиња, отидовме кон метрото, но тие не сакаа да слушнат. Дури им предложивме и да го тргнеме џемперот, но тие одбија“.
Двојката вели дека ќе продолжи да одбива да ја плати казната и дека контактирале со адвокат за да го разгледаат случајот.
Политиката на РИЦ е еден од главните столбови на движењето „Жолти елеци“, кое одржува протести веќе 19. недела. Според РИЦ, на јавноста ќе ѝ биде дозволено да носи закони без француското национално собрание. како и да одржува референдуми за укинување на законите. Некои дури предлагаат користење на РИЦ за да ги отстранат непопуларните политичари од функцијата, па дури и да донесат амандмани на самиот француски устав.
Викендов првпат треба да бидат распоредени француски војници на протестот на „Жолтите елеци“ и веројатно ќе им биде дозволено да го користат огненото оружје.
Една анкета спроведена во јануари покажа дека 80 отсто од Французите го поддржуваат предлогот на РИЦ, а повеќето поддржувачи доаѓаат од популистичката партија на Марин Ле Пен и екстремно левата Непокорлива Франција на Жан-Лук Меленшон.
Во анкетата објавена минатата недела поддржувачи на Ле Пен и Меленшон беа најмногубројни во поддршката на идејата дека целосната револуција би можела да биде легитимен начин да се влијае на социјалните промени во Франција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

