Свет
Рим ќе ја забрани пластиката за една употреба во борбата против екомафијата
Градоначалникот на Рим денеска изјави дека ќе донесе нова забрана за пластиката за еднократна употреба во градот, потег што ќе биде добредојден од страна на активистите за заштита на животната средина. Но, таа повеќе е загрижена поради локалната мафија отколку загадувањето, пренесува „Локал“.
„Ние работиме на забрана за употреба на пластиката за еднократна употреба во Рим“, изјави денеска Вирџинија Раги од Движењето Пет ѕвезди.
Но, изненадувачки, Раги не ги наведе проблемите во животната средина како причина за забраната иако зелените политики се масовно застапени во изборните ветувања на нејзината партија. Наместо тоа, Раги нагласи дека сака да ја изгладне локалната екомафија скратувајќи им ја храната – отпадот и рециклирањето.
„Ќе ја забрзаме забраната бидејќи мора да почнеме да го одземеме ѓубрето од овој криминален систем. Сигурна сум дека граѓаните ќе разберат и ќе бидат со нас“, изјави таа.
Криминалниот систем на кој се осврна Раги е мрежата на организиран криминал насочена кон градските капацитети за обработка на отпадот.

Жителите одамна ги обвинуваат локалните власти за проблемите на Рим со отпадот, стаорците и општа деградација. Но, властите го покажуваат прстот кон организираниот криминал за кој велат дека ги задушува системите за собирање и рециклирање на отпадот во градот и стои зад сомнителни подметнувања пожари на постројките за рециклирање.
Во декември пожар уништил голема фабрика за преработка на отпад оставајќи го градот да се бори со обработката на отпадот и рециклирањето во време кога жителите веќе се жалеа дека отпадот се трупа на улиците.
Рим претрпе голем пожар во друга постројка за преработка на отпад во неделата вечерта, што полицијата го истражува како подметнат.
Италијанската агенција за животна средина „Легамбиенте“ го измисли терминот екомафија за да ги опише секторите на организиран криминал што се занимаваат со недозволен пренос и отстранување на отпадот и нелегални активности за градење и ископување.
Стефано Чијафани, претседател на „Легамбиенте“ изјави за локалното радио:
„Нелегалното рециклирање на отпадот и цементот се нивните главни операции со кои генерираа профит од повеќе од 14 милијарди евра во 2018 година. Тоа е империја заснована на незаконитоста што ја поткопува животната средина, здравјето на луѓето и на здравата економија, а им носи многу пари на клановите на екомафијата што работат низ цела Италија, не само во четирите класични региони што сите ги познаваме“.
Стефано Вињарола, член на М5С и претседател на Комисијата за отпад што се занимава со екомафијата, изјави дека забраната на пластиката за еднократна употреба е фундаментална и дека веќе не може да го одложуваат спроведувањето конкретни дејства за намалување на отпадот во целата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

