Македонија
ИВЗ обвинува за исламофобија оти државата не ѝ го враќа имотот
Исламската верска заедница тврди дека поседува имот во половина Скопје, кој бара да си го врати преку процесот за денационализација. Меѓу имотот што ИВЗ го бара влегуваат плацови каде што е изградена Судската палата, дел од Македонска радио-телевизија, железничката станица, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Народната банка, Националната библиотека, Црвениот крст. Тие имаат доставено над 350 барања за враќање на имотот. Досега 15 отсто од имотот им е вратен, за 30 отсто се обесштетени со обврзници, а за 55 проценти од имотот чекаат одлука, но има и имот што државата одбила да им го врати. Тоа што државата не им го враќа имотот, од ИВЗ велат дека го доживуваат како исламофобија.
„Ова не се проблеми од денес или од доаѓањето на оваа влада. Имотот е од Втората светска војна кога се национализирал. Со донесување на Законот за денационализацијата ИВЗ достави барања во 1998 година. Ние бараме 4 милиони квадратни метри земјиште и 42 илјади квадратни метри во објекти“, рече директорот на имотите во ИВЗ, Дритон Дикена.
Дикена повикува на дијалог оти Владата им ветила дека ќе преземе конкретни чекори за враќање на имотот, но тоа не го остварила. ИВЗ не знае што конкретно ќе преземе по овие прашања, а став ќе изгради по изборите.
„Изминува втората година од функционирањето на таканаречната реформска Влада, а ИВЗ нема конкретен одговор, а камоли реализација на барањата. Нашето незадоволство не е измислено, туку е плод на нефукционирањето на институциите. Ние се чувствуваме дискриминирани во процесот за денационализација. Играњето топло-ладно и празните ветувања дека ќе се решат проблемите ја минаа границата на нашето трпение. ИВЗ е навредена од квалификацијата дека писмото што го пративме до Владата претставувало уцена. Во нашиот код на однесување не живеат уцената и заканата, други се тие што уценуваат“, велат од ИВЗ.
Исламската верска заедница смета дека тие најмногу придонела за почитување на принципот на соживот и меѓусебно разбирање. Тие ѝ порачаа на Владата дека одземањето туѓ имот е грабеж, а селективниот однос кон верските заедници во процесот за денационализација е дискриминација.
Нерешените спорови за денационализација ги скараа Владата и Исламската верска заедница. Кога ИВЗ упати писмо до Владата во кое наведе дека ќе ги извести верниците од сите 700 џамии оти државата не им го враќа имотот, оттаму реагираа дека ИВЗ им се заканува, ги уценува и им поставува ултиматуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патни правци во државата се проодни, магла на патот Штип – Неготино
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информира АМСМ.
Слаби врнежи од снег има на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри има на патниот правец Штип – Неготино кај Серта.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) СДСМ предлага минимална плата од 600 евра преку ребаланс и кратење на буџетските трошоци
СДСМ понуди, како што велат, јасно, конкретно и реално остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра.
На прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска, изјави дека преку ребаланс на буџетот и со рационално кратење на трошоците од, како што наведе, „луксузот на власта“, може целосно да се обезбедат до 200 милиони евра за зголемување на минималната плата на 600 евра и за поддршка на компаниите и приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите.
„ВМРО да не ги плаши приватните компании и работодавачите“, рече Тренчевска.
Според СДСМ, само за зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Од партијата посочуваат дека со кратење од 20 до 30 проценти на делот „стоки и услуги“, каде што се вклучени возила, мебел, патувања, репрезентации, договорни услуги и, како што велат, комфор на функционерите, може да се обезбедат 130 милиони евра.
Дополнително, со кратење на делот „разни трансфери“, од хонорари и времени вработувања, според СДСМ, може да се обезбедат уште 75 милиони евра.
„Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите“, изјави Тренчевска.
Според неа, на овој начин компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Таа додаде дека не може да има пари за, како што рече, луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Тренчевска изјави и дека, според СДСМ, не држат изговорите на владата дека зголемувањето на минималната плата ќе ја загрози економијата или работата на компаниите.
„СДСМ во својот мандат ја зголеми минималната плата од 8.000 на 22.000 денари, па не се затворија работни места, не се загрози економијата. Напротив, со повеќе пари кај граѓаните и поддршка на компаниите се зголемува потрошувачката и расте домашното производство“, рече Тренчевска.
Од СДСМ наведуваат дека доколку власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот, кој, како што велат, тие ќе го поддржат.
Македонија
Студентите што студираат во странство или се прогласени за најдобри, ќе имаат предност за вработување на државните универзитети
Со поддршка од над 60 професори, засегнати институции и установи, претставници на студентите, стручни лица и експерти, Министерството за образование и наука подготви нова законска регулатива за високо образование и наука, од која се очекува да обезбеди поквалитетна академска едукација и да ја поттикне научно – истражувачката дејност во државата.
Денес на прес конференција, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги презентираше поважните аспекти на новите закони за високо образование, за квалитет во високото образование и науката и за научно – истражувачка дејност, од кои, првите два се веќе објавени на ЕНЕР системот и достапни за коментари и сугестии од јавноста.
„Споделувам убава вест за студентите кои со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или пак студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот – тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно – научен кадар. Ова е една од новините во Законот за високо образование“, рече Јаневска.
Нагласи дека утврден е нов начин на финансирање на високообразовните установи. Предвидена е развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми. Ова, како што рече министерката, ќе ја стимулира конкуренцијата, а конкуренцијата носи квалитет.
„Ги зајакнуваме критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега зависно од звањето ќе има обврска до изборот да изработи и објави од 6 до 7 научни трудови, од кои 3 до 4 треба да бидат објавени во списание со импакт фактор од базите Web of science или Scopus. Ова е важно, затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме“, порача министерката.
Информираше дека за професорите кои се затекнати при избор во звања, ќе има олеснувања на постапката, како и дека новиот закон предвидува еден професор да може доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа звање при секој нареден избор.
Еднаш избрани редовни професори во иднина, по усвојување на законот, ќе имаат реизбор по 7 години. Оние кои се веќе се избрани во редовни професори, нема да бидат опфатени со овој закон, а академската заедница станува единствена на целата територија. Мандатот на ректорите ќе биде 4 години, наместо сегашните 3, а се менува и моделот за избор на ректор.
Законот предвидува да се воведат и стручни студии од прв, втор и трет циклус со проодност кон академски студии, како и кратки стручни програми за стекнување на специјалистички знаења. За поттикнување на транспарентноста на работата на државните универзитети, се активираат одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите, кои во минатото не функционираа. Националниот совет за високо образование и наука пак, добива повеќе обврски.
„Платите повеќе не се предмет на дискусија. Зголемени се за 14% минатата година, а зголемен е и буџетот за поддршка на научно – истражувачката дејност од 380 милиони денари во 2024 година, на 773 милиони денари оваа година. Повеќе од двојно“, рече Јаневска.
Паралелно со Законот за високо образование, кој како рече Јаневска, неопходно е да се донесе заради тоа што актуелниот од 2018 создаде повеќе проблеми отколку што реши, се носи и нов Закон за квалитет во високото образование и научно истражувачката дејност, со кој се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет, која во изминатите 5 години постоење, вршеше само акредитација на студиски програми, но не и евалуација.
„Новина е наместо два одбори за акредитација и за евалуација, законот предвидува еден Совет кој ќе работи со стручни комисии. Дефинирање на постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научно – истражувачките субјекти и така натаму. Анализиравме структури на ваков тип институции во други земји и цениме дека новата организациска поставеност на АКВО ќе даде подобри резултати“, додаде министерката.
Третиот е Законот за научно – истражувачка дејност, кој предвидува типови на научни установи, доделување на средства за научно – истражувачки проекти, финансирање на научни институти и центри за извонредност, јасно дефинирање на постапки за избор во научни звања на истражувачите и слично.
„Законот е во тесна корелација со другите два и оттука, очекувам Собранието одеднаш да ги усвои сите, се разбира по претходно доставување на најдобрите текстови што ќе произлезат од јавната дебата што како Влада ја започнавме во понеделникот. Дебати ќе се одржат и на сите јавни високообразовни установи, а се надевам и на квалитетна дискусија во Собранието“, додаде министерката.

