Македонија
(Видео) УЈП сè уште го истражува имотот на верските заедници

Сè уште не е завршена постапката што ја отвори Управата за јавни приходи за имотот, парите и даноците на верските заедници, која беше отворена пред неколку месеци.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција рече дека се во контакт со сметководителите и на МПЦ и на ИВЗ и дека се работи за обемна анализа за која е потребно подолго време, но службите вршат проверка и оценување на состојбите што се од важност по однос на даноците.
„Сите документи што ги побаравме од другите институции ги анализираме во согласност со нашите надлежности, односно во согласност со Законот за даночната постапка и Законот за добивката, со кој е предвидено дека такви здруженија и непрофитани организации подлежат на даночење откако ќе поминат одреден лимит на средства. Се истражува и за МПЦ и за ИВЗ. Во моментот не можам да сооопштам детали затоа што сè уште прибираме документи во соработка со службени лица што работат на финансикото работење на двете верски организации“, рече Лукаревска.
Што се однесува до воведување фискализација за услугите на црквите, како што се продавање свеќи, услуги за венчавање или крштевка, од УЈП информираат дека засега нема законска рамка со која би можела да се спроведе.
„Вакви иницијативи имало и порано, но сепак треба да се заземе став по ова прашање и да се координираме и со Министерството за финансии“, рече Лукаревска.
Прашањето на фискализација беше актуелно пред неколку години кога на заедничка средба од страна на УЈП беа разгледани барањата на претставниците на петте уставни верски заедници (МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, Еврејската заедница и Евангелско-методистичката црква). Еден од аргументите за изземање на верските заедници од фискализација беше дека верските објекти се финансираат токму од доброволните прилози на верниците, кои не треба да се регистрираат како готовински плаќања.
Инаку, православните верници за услуга за венчавање треба да издвојат 6.000 денари, за крштевка 4.000, а за погреб 3.000. Средствата се уплаќаат на рака и за нив граѓаните не добиваат фискални сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен увид во Избирачкиот список од сабота до 11 септември

Од сабота, 23 август, до 11 септември граѓаните можат да го проверат Избирачкиот список и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци. Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучениот Избирачки список ќе биде готов најдоцна на 3 октомври, додека политичките партии ќе можат да го проверат списокот и да поднесат свои барања до 19 септември. Податоците за граѓаните кои поднеле барање за лична карта, ќе се впишат по службена должност, како и податоците за лицата во затвор или установи за вонсемејно згрижување.
Македонија
УЈП: Истече рокот за плаќање на месечните обврски за јули – повик за подмирување на долговите

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски.
„Од 2.129 даночни обврзници не е извршено плаќањето на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи во текот на вчерашниот ден достави персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелира веднаш да го извршат плаќањето.
Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.
УЈП остро потсетува дека во следните денови ќе се преземат законските мерки за присилна наплата.
Македонија
Судир за српскиот капитал: ВЛЕН и ДУИ меѓусебно се обвинуваат

ВЛЕН и ДУИ, двете водечки политички субјекти од албанскиот блок во Македонија, се препукуваат поради наводно продирање на српски капитал и влијание во земјата.
Според соопштението на ВЛЕН, ДУИ одамна престанала да ги штити интересите на Албанците, откако, како што тврдат, дозволила влез на српски и црногорски компании во клучни економски сектори, вклучително и мобилната индустрија и казината.
„ДУИ го донесе ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово“, се наведува во соопштението. ВЛЕН најавува дека ќе продолжи да ги брани евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците.
ДУИ, пак, одговара дека ВЛЕН во изборната програма за 2024 година ветила основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. ДУИ повторно нагласува дека државата не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград.
И двете партии со денови се обвинуваат една со друга за предавство на интересите на Албанците и за поддршка на т.н. „Српскиот свет“ во Македонија. Со оглед на предизборието, се очекува дека оваа тема ќе се најде во политичката дебата.