Македонија
(Видео) Центар официјално ќе одбие стотина барања за градење по одлуката на Уставен суд
Во исчекување на објавата на одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот за градење во период од 30 дена, Општина Центар ќе ги затвори како одбиени сите досега поведени постапки за одобренија за градење. Официјално затворени ќе бидат и барањата што физички биле поднесени во Општината и барањата поднесени по електронски пат.
Овој чекор Општината го презема за да не се случи автоматски по барањата што биле поднесени електронски и по евентуално укинување на мораториумот по одлуката на Уставен суд, да биде почната постапката за добивање одобрение.
„На сите што ќе аплицираат, а влегуваат во категоријата забрана за издавање одобренија за градење, односно почнување постапка, им следува одговор од наша страна од секторот за урбанизам дека не може да почнат постапка бидејќи е донесена одлука од Советот на Општина Центар, кој воедно ги носи плановите, дека тие планови не може да се извршуваат. Сите постапки ќе бидат затворени како одбиени. Во моментот кога ќе заврши мораториумот од наша страна, без разлика дали ќе донесеме нов или ќе преземеме други правни лекови, тогаш ќе може повторно да продолжат со тие постапки. Има над стотина без разлика дали станува збор за доградба, за нова градба, градба што на каков било начин влегува во фазата за неиздавање одобренија“, вели градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Тој се изјасни дека нема да прифати укинување на мораториумот за градење во Центар оти е во интерес на граѓаните и најави нови правни мерки со кои ќе биде стопирано градењето по одлуката на Уставен суд. Кои се мерките, ќе објави откако судот ќе ја каже одлуката што беше донесена во средата минатата недела, но сè уште не е објавена на веб-страницата на судот, ниту во „Службен весник“.
„Не е во прашање дали се тајна или не, тоа е подготовка во зависност од тоа каква одлука ќе биде објавена, мораме и неа да ја разгледаме и врз основа тоа да го преземеме тој чекор што сме го спремиле“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Претседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева-Андреевска, и по одлуката на Уставен суд, очекува поддршка за мораториумот во Центар како единствен начин да прекине хаосот во урбанизмот.
„Кога ние би имале малку поголема поддршка сега и од централната власт и тоа да биде една одлука што можеби како домино ефект ќе успее да тригерира и други институции да си ја завршат работата и да не дозволат да се пренесуваат овие грешки што тука сме ги утврдиле во други општини или во други региони на Македонија, ќе биде многу добро. Од друга страна, ми се чини дека ние со одлуката правиме и еден чекор кон она што и меѓународната заедница го бара од нашата држава – да завладее правото, да се врати достоинството на живеење на луѓето, институциите да не се прогласуваат ненадлежни, туку одговорноста што ја имаат да ја фатат во свои раце и да се борат против корупцијата бидејќи оваа одлука, точно за да ги спречи сите тие незаконски донесувани одлуки или неквалитетно донесувани одлуки за граѓаните, е крајната цел за да го вратиме достоинството на секој човек и мислам дека за тоа треба да добиеме поддршка и од централната власт“, вели претседателката Белчева.
Поради нереагирањето на институциите, Белчева-Андреевска вели дека државата ни е сè уште заробена и апелира институциите да почнат да го штитат јавниот интерес наспроти интересот на поединци. Во такви услови претседателката вели дека Советот на Центар е подготвен да бара алтернативни начини како да го продолжат процесот на квалитативна евалуација на деталните урбанистички планови за да се изработат нови со поправени грешки, да се намали ризикот за граѓаните и да се донесе ново уредување на просторот по мерка на човекот.
Уставниот суд минатата недела прифати да расправа за иницијативата на Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на северозападна Македонија за испитување на уставноста на мораториумот за градење во Центар, кој сметаат дека му носи голема штета на градежниот бизнис. Судот одлучи, додека се донесе конечна одлука во рок од 30 дена, да се укине мораториумот на 29 детални урбанистички планови.
Граѓаните оваа одлука ја нарекоа скандалозна оти ги штити бизнис-интересите наместо јавниот интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

