Македонија
МОСТ: Собранието е потранспарентно, но потребни се дополнителни подобрувања за поквалитетни процеси

Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ, се одржа конференција на тема „Транспарентноста на Собранието како предуслов за вклученост на граѓаните – Добри практики од граѓанските организации од Велика Британија“.
Целта на настанот беше да се дискутира за транспарентноста и вклученоста на засегнатите страни во работата на Собранието и комисиите, евентуалните подобрувања или влошувања и да се дадат препораки за понатамошната работа на Собранието. На конференцијата беа презентирани резултатите од сумарниот извештај од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието за 2017 и 2018 година, подготвен од страна на МОСТ во рамките на истоимениот проект. Во рамките на конференцијата исто така беа презентирани искуства од граѓанските организации од Велика Британија во однос на нивниот придонес во зголемувањето на транспарентноста на британскиот парламент.
На настанот присуствуваа и говореа претседателот на Собранието, британската амбасадорка, пратеници во Собранието, претставници на меѓународната заедница, како и претставници на институции и граѓанскиот сектор.
Претседателот на Собранието,Талат Џафери, при отворањето на конференцијата истакна: ,,Верувам сите се согласуваме дека без вистинска транспарентност, нема ниту вистинско Собрание, ниту вистинска парламентарна демократија. За да се достигне високо ниво на транспарентност во работењето на Собранието потребни се повеќе предуслови. Од конкретна нормативна рамка па сè до високо развиено чувство за одговорност, како и соодветна политичка култура на сите нас кои сме вклучени во остварувањето на основните функции на секој парламент, а тоа се донесување квалитетни закони, потоа надзорната функција и секако претставничката димензија“.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј истакна: „Конференцијата денес е одлична можност на едно место да се соберат претседателот на Собранието, пратениците и собраниските служби, кои заедно со граѓанскиот сектор може да дискутираат за работата на Парламентот, за тоа што било добро во однос на транспарентноста и отчетноста, а што може да се подобри. Парламентот е огледало на општеството. Неговата различност ја претставува различноста на општеството, место за битка на политичките идеи. Исто како што ги гледаме дебатите во Парламентот на Обединетото Кралство. Парламентот има одговорност за политичкиот дијалог во земјата, за квалитетот на законите кои се носат и ги поставува стандардите на политичката култура“.
Во текот на дискусијата учесниците посочија дека транспарентноста на Собранието за 2018 година е зголемена во споредба со 2017 година, а посебно во однос на 2016 година. Сепак, има делови од процесот кои заслужуваат внимание и политичка волја која е неопходна за суштински промени. Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието“, кој Граѓанската асоцијација МОСТ почна да го имплементира во јуни 2018 година, а е поддржан од британска амбасада во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.
Македонија
Toшковски: Во тек се подготовки за мирни локални избори

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Одделението за внатрешни работи Струга и Полициската станица за гранични проверки Ќафасан. Од страна на раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга министерот беше информиран за безбедносната состојба во регионот, со забележителни резултати во справувањето со насилниот криминал и видлив напредок во подобрувањето на сообраќајната безбедност – област во која и понатаму ќе се вложуваат дополнителни напори.
„Во пресрет на претстојните локални избори, веќе се преземаат соодветни оперативни активности насочени кон обезбедување мирен и безбеден изборен процес. Што се однесува до граничниот премин Ќафасан, во текот на оваа летна сезона е евидентирано зголемување на бројот на патници кои ја поминале границата во споредба со истиот период минатата година. Во таа насока, заедно со албанските колеги работиме на имплементација на системот „One Stop“, кој во комбинација со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи да имаме трајно решение за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници и возила за време на туристичката сезона.“, подвлече министерот Тошковски.
Македонија
Собранието ја усвои Декларацијата за фер, слободни и демократски избори

Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.