Македонија
(Видеорепортажа) Порака од Босилово: Не сакаме злато, сакаме здравје

Недела пладне во струмичко Босилово. Чисто и мирно место во кое штрковите се вратиле пролетва. Спокојно ги набљудуваат минувачите од гнездата што им ги направиле жителите по должината на централната улица. Селото Босилово е оддалечено дестина километри од Иловица и Штука, селата каде што во непосредна близина се подготвува отворање рудник за бакар. Забележлива е раздвиженост кај фудбалското игралиште, но наместо за вообичаените неделни натпревари, сега ова е зборно место за сите оние што сметаат дека рудник во Иловица-Штука не смее да има.
Неколку групи млади луѓе со транспаренти и маички со напис „Стоп за рудникот на смртта“ велат дека не сакаат рудник, задоволни се како живеат, со земјоделство и сточарство.
„Ние сме добро информирани за можните последици од отворањето на рудникот. Ќе ни ги запусти почвата и воздухот, природата ќе биде загадена и овој регион трајно ќе биде отруен“, велат тие.
Масовноста се зголемува од минута на минута. До почетокот на протестниот марш улицата е преплавена со луѓе. Се движат полека, а од протестното камионче на мегафон се слуша: „Не сакаме рудник, одете си дома“. Едногласни се во намерата да го спречат отворањето на рудникот, бараат одговори од надлежните и од концесионерот „Еуромакс рисорсис“.
Ова е еден од низата протести во минатите две години што се организираат против отворањето на рудникот за бакар „Иловица-Штука“. Активистите бараат да ги видат сите документи за влијанието на рудникот врз животната средина, кои, според нив, се водат како државна тајна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лабудовиќ најави 𝟤𝟦/𝟩 обезбедување во сите училишта и градинки во Центар

„Безбедноста на децата мора да биде обврска на општината, а не трошок за родителите“, порача Мирослав Лабудовиќ кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар. Тој најави дека дел од неговата програма е воведување 24-часовно физичко обезбедување во сите училишта и градинки на територијата на Центар.
„Не може родителите од свој џеб да плаќаат за нешто што е законска обврска на општината. Тоа е недозволиво, но во Центар стана пракса. Јас се обврзувам дека секое училиште и секоја градинка ќе има 24-часовно физичко обезбедување. Безбедноста на децата е наш највисок приоритет“, вели Лабудовиќ.
Покрај оваа мерка, најавена е и иницијатива за воведување безбедни патеки до училиштата и градинките, кои ќе бидат обележани, осветлени и целосно прилагодени за децата. Целта е да се создаде сигурна и уредена средина, во која секое дете ќе биде заштитено и во училницата, и во училишниот двор, и на патот до дома.
„Ќе изградиме систем во кој родителите ќе бидат спокојни, а децата безгрижни и среќни. Безбедно дете значи спокојно семејство, а тоа е темел за модерен и одговорен Центар“, додаде Лабудовиќ.
Новата мерка е дел од поширокиот план за поголема безбедност, ред и грижа за семејствата во Центар, и претставува конкретен пример дека со вистински политики општината може да стане поквалитетно и побезбедно место за живеење и за децата и за возрасните.
Македонија
(Фото) Делегација од општина Илинден положи цвеќе пред споменикот на Васил Стојанов-Аџиларски

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во населеното место Миладиновци се одржа пригоден настан со кој достоинствено беше одбележан овој значаен историски датум. Со положување свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот револуционер Васил Стојанов-Аџаларски, присутните изразија почит кон неговата херојска борба за слободна татковина, извести општина Илинден.
Свежо цвеќе пред споменикот положија делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеничката Драгана Бојковска, советници, претставници на општинските јавни претпријатија и училиштата, Сојузот на борци, Здружението на пензионери од Општина Илинден, претставници на невладини организации и бројни граѓани.
Васил Стојанов-Аџаларски е роден во 1880 година во селото Аџалари, денешно Миладиновци. Тој бил истакнат војвода и борец за национална слобода, кој предводел чета составена од комити од поширокиот регион на денешна општина Илинден. Аџиларски херојски загинал во 1909 година.
Во рамки на свеченото одбележување, во Домот на културата во Миладиновци се одржа и шаховски турнир организиран од Здружението на пензионери „Илинден“. На турнирот учествуваа 18 шахисти поделени во две групи, а натпреварувањето се одвиваше според ФИДЕ правилата за забрзан шах со темпо од 10 минути по играч.
Покровител на настанот беше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на крајот на турнирот им додели пригодни награди и плакети на најдобрите учесници, при што истакна дека ваквите активности претставуваат важен дел од заложбата на Општината за активно вклучување на повозрасните генерации во јавниот живот, но и за негување на традицијата и сеќавањето на историските вредности. Првото место го освои Сурловски Душан, второ место го освои Стефановски Христијан, трето место го освои Спасовски Миле и четврто место освои Мицевски Диме, се вели во соопштението на општина Илинден.
Македонија
Сметам дека и во првиот круг Левицата имаше поддршка од ДУИ, а коалицијата со СДСМ e веќе jавна, вели Ѓорѓиевски

Кандидаттот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, смета дека неговиот противкандидат во вториот круг, Амар Мециновиќ од партијата Левица, и во првиот круг имал поддршка од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а со повикот за поддршка до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) нивната коалиција станала јавна.
„Ако во минатото ние говоревме за овие состојби, а некој ги негира, мислам дека особено по она што се случи вчера, повикот на Левицата, поради иста идеолошка платформа или исти погледи, да ги поддржеле гласачите на СДСМ, веќе е јавна оваа коалиција и треба да се земе предвид и добро да се анализираат резултатите да видиме во кои делови Левицата има добиено поддршка. Јас сметам дека и во првиот круг Левицата имаше поддршка од Демократската унија за интеграција, но мој фокус ќе биде да ја добијам поддршката од сите скопјани“, рече Ѓорѓиевски.
Рече дека не се занимава со партиски интриги како што тоа го прават други ниту, пак, со црна кампања оти смета дека има сериозна кампања што им ја нуди на граѓаните и кредибилитет од сработеното во изминатите четири години.
„Нашиот народ е многу мудар. Колку и некој да прави калкулации, внатрепартиски игри, собири и да се обидува да прегрупира гласови, убеден сум во победа што ќе ги декласира на овие избори. Сите на куп, кои и да се“, вели Ѓорѓиевски.
Заедно со новите советници во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, Ѓорѓиевски извести дека денес ќе напрви стратегија за решавање на најгорливите прашања што ќе им бидат во фокус до Нова година откога тој ќе биде избран за градоначалник. Прв чекор рече дека ќе им биде ребалансот на буџетот, а потоа најави дека ќе се потрудат да го избришат сè она што во изминатите четири и повеќе години било грда слика.

Димитровски вети мнозинство што ќе гарантира транспарентно работење и одгворно трошење на народните пари
Даме Димитровски, носителот на листата за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а кои имаат мнозинство во Советот, рече дека вратата за соработка со сите советници во Советот ќе биде отворена. Најави дека мнозинството ќе се базира на девет темелни политики, кои се веќе поставени, а тоа се намалување на загадувањето на воздухот, систем за современо управување со отпадот, брз и доверлив систем за јавен транспорт во градот, јавни простори за скопјани, велосипедизам и други алтернативни начини на превоз за скопјани, безбеден сообраќај за најмалите во Скопје, Скопје – град на културата, Скопје – центар на науката и технолошкиот развој на Балканот и, најважно, отворен Совет, транспарентност и одговорно управување со буџетот на Градот.
Димитровски вети мнозинство што ќе гарантира транспарентно работење и одговорно трошење на народните пари.
Орце Ѓорѓиевски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои 91.663 гласа, Амар Мециновиќ од Левицата освои 30.665 гласа, Башким Бакиу од „Вреди“ доби 27.898 гласа, Каја Шукова од СДСМ освои 27.737 гласа, Скендер Реџепи од партијата Народно движење, која беше дел од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, освои 26.114 гласа, а сите други кандидати заедно освоија 17.145 гласа.
Вториот круг на локалните избори во кои ќе се избере градоначалник на Скопје и на општините во кои не беа избрани градоначалници во првиот круг ќе биде на 2 ноември.