Македонија
На Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур усвоен документ со кој се препорачува почеток на преговорите со ЕУ
Во рамките на 16. Мешовит парламентарен комитет меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, кој денес се одржа во Стразбур, се усвои документ со кој се препорачува почеток на преговорите со Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.
Во усвоениот документот, како што велат од МНР, е констатиран напредок во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, што претставува солидна основа за следниот извештај на Европската комисија и ќе обезбеди позитивна клима пред јунските самити на Советот на ЕУ.
Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во своето обраќање истакна дека ова парламентарно тело секогаш е силен подржувач на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија и придонесува во развојот на соработката меѓу Собранието и Европскиот парламент. Тој истакна дека се гордеат со постигнатото и со перспективите што ги отвориле за Република Северна Македонија. „Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби“, рече Жерновски.
Жерновски истакна дека во изминатата година Република Северна Македонија успеа да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели, односно членство во НАТО и во ЕУ:
„Очекуваме определување конкретен датум за преговори на нашата земја со ЕУ од страна на Советот на ЕУ во јуни оваа година. Ризикот од одлагање на донесувањето ваква одлука ќе значи губење на моментот што беше изграден со огромни напори од страна на Северна Македонија и Грција. Ќе значи обесхрабрувачки сигнал за државата и ќе го забави реформскиот процес, а ќе создаде и непредвидиливост од создавање нови можности. Од друга страна, пак, отворањето на преговорите ќе значи продолжување на продукцијата на добри вести, инвестиција во стабилноста и просперитетот на ЕУ, демонстрација на кредибилност и посветеност кон основните ЕУ-вредности. Тоа нема да значи и членство, туку почеток на едно подолго патување, кое ќе придонесе кон суштинска трансформација на општеството“, рече заменик-министерот Жерновски.
Консолидацијата на Европската Унија, според Жерновски, може и треба да се одвива паралелно со европската консолидација на Балканот.
„За нас, Европа значи многу повеќе отколку само унија, отколку само раст и економска сигурност. За нас, Европа значи да живееме во модерно, рамноправно и отворено општество, со јасни демократски стандарди, во кое владее правото, во кое живее солидарноста, во кое функционираат подобри судови и во кое правата се еднакви за сите“, потенцира Жерновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

