Македонија
(Видео) Пировска: Не се сомневам дека ќе има нов пазар за двотретинско мнозинство за СЈО
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, на прес- конференција, на која беа изнесени резултатите од вториот квартален мониторинг на реформите во правосудството, изјави дека очекува нов пазар за двотретинското мнозинство во Собранието, овој пат за законот за СЈО.
„Доколку се има предвид на што сè бевме сведоци изминатиот период за да се дојде до двотретинско мнозинство, односно очигледен пазар за одредени прашања, не се сомневам дека тоа ќе се случи повторно“, изјави Пировска.
Во соработка со Институтот за човекови права, Коалиција за правично судење, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет изврши мониторинг на спроведувањето на 11 закони поврзани со правосудството. Станува збор за измените во Законот за кривичната постапка, Законот за Јавното обвинителство, измените во Кривичниот законик, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за судовите, Законот за Судскиот совет, Закон за Советот на јавните обвинители, Законот за адвокатурата, Законот за бесплатната правна помош, Законот за нотаријатот, Законот за извршувањето, Законот за управните спорови и Законот за прекшроците.
Во извештајот на Хелсиншкиот комитет стои дека спроведените акциски мерки на овие закони биле со делумна транспарентност, како и со недоволна вклученост на граѓанските организации во нивно спроведување и оформување. Овие недостатоци, според извештајот, најмногу се присутни во постапката на спроведување на Законот за Јавното обвинителство.
„Голем дел од законите беше подготвуван во соработка со граѓанските организации, но некои клучни закони беа донесени во скратена постапка. Најмногу мислам на Законот за Јавното обвинителство, кој, како што гледате, и понатаму се подготвува на начин на кој воопшто не одговара ако се има предвид неговата важност. Граѓанските организации не беа вклучени во подготовката на Законот за ЈО, процес што беше затскриен од јавноста, а сега сме сведоци и дека политичките партии преговараат по однос на законските решенија на закон кој за сите нас е од исклучителна важност“, вели Пировска.
Според извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, не се почитувани ниту роковите за спроведување на овие закони, кои се однесуваат на реформите во правосудството. Но, како што вели Пировска, граѓанскиот сектор има разбирање за доцнењето бидејќи во изминатиот период на политичката сцена имало повеќе важни случувања од јавен интерес, кои бараат дополнителен ангажман, како референдумот и договорот од Преспа.
„Планот 3-6-9 помина, во овој план содржеше мерки и дејства што се однесуваат на правосудството, голем дел од нив не беше спроведен. Но, ние ова доцнење го оправдуваме од причина што во земјата се случуваа други процеси, како договорот со Грција, референдумот“, додава таа.
Како генерален заклучок од вториот квартален мониторинг-бриф на Хелсиншкиот комитет стои дека и покрај тоа што власта покажува декларативни заложби и волја за соработка со граѓанските организации, особено во областа на правосудството, сепак тоа во пракса не се покажува. Како еден од многуте примери наведени се измените во Кривичниот законик, кој беше донесен без учество на граѓанскиот сектор. За Пировска, ова е голем пропуст на власта, кој не говори дека има сериозна заложба на Владата и понатаму да го вклучи граѓанскиот сектор во овие важни процеси за државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По осум месеци од трагедијата, почнува судењето за пожарот „Пулс“ – обвинети се 34 лица
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува денеска, во судницата во затворот „Идризово“.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави минатата недела Коцевски.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.
Македонија
(Фото) Од шахта на булеварот „Александар Македонски“ масивно истекуваше хемиска пена, Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки
На социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.
Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)

