Регион
Турскиот министер ја повика Грција да се воздржи од провокации
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, ja повика Грција да се воздржи од провокативни акции во Егејското Море, додавајќи дека Анкара ќе одговори на сите предизвици против суверените права на Турција, според грчкиот весник „Катимерини“.
Обраќајќи ѝ се на група турски ветерани во Истанбул, Акар рече дека очекува сите да се воздржат од провокации и дека сите треба да имаат на ум дека Турција ќе одговори на каква било акција насочена против неа.
„Ние нема да направиме никакви отстапки“, рече турскиот министер.
Тој, повторно нарекувајќи ја Турција сина татковина, предупреди дека Анкара нема да се откаже од своите права во Егејското Море.
Истакнувајќи дека Турција е посветена на принципот на добрососедски односи и решавање на проблемите во рамките на меѓународното право, Акар рече дека Анкара нема да прифати никаков свршен чин и нема да жртвуваат кое било од правата на, како што рече тој, нашата света нација.
Грчкиот министер за одбрана, Евангелос Апостолакис, во четвртокот ја потврди растечката загриженост на Атина во врска со однесувањето на Турција.
„Повеќегодишен проблем е Турција, која има свој план, се движи на свој начин и не соработува добро со своите соседи, ниту со своите историски сојузници“, рече Апостолакис, објави „Катимерини“.
Коментирајќи ја новата ескалација на тензиите меѓу Атина и Анкара, Апостолакис рече дека Грција секојдневно има проблеми со Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Црна Гора два дена бојкот на трговските синџири. „Сложно, обединето, упорно“
Во Црна Гора денеска почна дводневен бојкот на малопродажните синџири поради високите цени, на кој повика невладиното здружение „Алтернатива“.
„Се повикуваат жителите на Црна Гора денеска и утре да не пазарат во големите продавници, туку доколку мораат, да пазарат во мали продавници со најмногу десет вработени.
Секојдневно сме сведоци на невидени поскапувања на основните производи, додека сопствениците на големи синџири акумулираат профит на сметка на народот“.
Истото невладино здружение минатиот петок организира бојкот на продавниците во Црна Гора кога, според Даночната управа на Црна Гора, петте најголеми трговски синџири забележаа пад на прометот од 56,14 отсто.
Минатата недела повеќето жители на северниот дел на Црна Гора се одѕваа на повикот за бојкот на големите продавници, а одѕивот беше нешто помал во централниот и јужниот дел на Црна Гора.
Регион
Мицотакис од Санторини: Властите ја следат сеизмичката активност, граѓаните да останат мирни
Грчките власти се на готовност и ја следат зголемената сеизмичка активност на островот Санторини, изјави денеска грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повикувајќи ги граѓаните да останат смирени и да ги следат упатствата на службата за цивилна заштита.
„Уште еднаш сакам да ги уверам жителите на Санторини и на соседните острови, кои деновиве се пред тест, дека државниот механизам е на нивна страна“, рече Мицотакис за време на неговата посета на островот додавајќи дека подготвеноста и превенцијата се клучни, пренесе „Ројтерс“.
Тој изрази надеж дека оваа појава бргу ќе заврши и дека островот целосно ќе се врати во својот нормален ритам.
Регион
Блажиќ осуден за масовното убиствo кај Младеновац се степал во затворот
Урош Блажиќ, осуден за масовно убиство во селата кај Младеновац, се судрил со уште еден притвореник со кој ја дели ќелијата во Окружниот затвор во Смедерево.
Од Управата за извршување кривични санкции за „Танјуг“ потврдија дека вчера Блажиќ и уште едно приведено лице имале кратка вербална и физичка пресметка во просторијата во која биле заедно сместени.
Службата за обезбедување веднаш интервенирала и двете лица ги привела на лекарски преглед, што е дел од редовната процедура, по што биле сместени во разни простории, што исто така е задолжителен дел од постапката.
За овој случај е известен и надлежниот суд и треба да донесе одлука за дисциплински мерки против овие приведени, велат од Управата за „Танјуг“.
Урош Блажиќ со првостепената пресуда е осуден на 20 години затвор бидејќи на 4 мај 2023 година во селата Мало Орашје и Дубона уби девет и рани 12 лица.