Свет
Американскиот поморски институт објави сценарио за можен воен конфликт со Турција

Американскиот поморски институт, едно од најголемите професионални воени здруженија во САД, во кое членуваат многу поранешни врвни воени стратези, објави сценарио за конфронтација меѓу американската и турската флота во третото издание на книгата „Флотни тактики и поморски операции“.
Книгата, објавена на 15 јуни 2018 година, го привлече вниманието на турскиот весник „Јени шафак“, кој објави кус осврт на замислениот конфликт опишан во нејзиното 15-то поглавје.
Книгата опишува наводно сценарио во кое турската морнарица потопува грчки бродови што носат балистички ракети во јужен Кипар иницирајќи воен конфликт помеѓу земјите. Според сценариото, Турција потоа ги напаѓа островите Лимни, Лезбос, Хиос, Самос и Кос во Егејското Море. Двете држави кои се вклучени во конфликтот се опишуваат како заколнати непријатели.
Понатаму, според сценариото опишано во книгата, Шестата флота на САД ќе интервенира во конфликтот во обид да го спречи тоа поддржувајќи ја Грција и дејствувајќи против турските војници.
„Сценариото, според кое Шестата флота на морнарицата на САД ја напаѓа турската морнарица, ги покажува почетокот на конфликтот меѓу Атина и Анкара и акциите на САД, кои ја поддржуваат Грција во овој конфликт“, пишува весникот.
Понатаму, во сценариото се опишуваат УСС „Хари Труман“ и локалните американски воени бродови кои се подготвуваат за конфронтација, а американската војска распоредена на островите Хиос и Аморгос ги напаѓа турски градови Ајвалик, Измир, Чешме, Кушадаси и Бодрум. Во исто време американската флота се очекува да ја нападне турската морнарица северно од Крит.
Иако воведот на книгата нагласува дека сите сценарија и настани во неа се чиста фикција и го претставуваат личното мислење на авторите, „Јени шафак“ посочува дека сите оние што придонеле за нејзината содржина, како и шефот на американскиот поморски институт, се поранешни врвни американски воени стратези – факт што го става под сомнеж фикцискиот карактер на опишаните сценарија и води кон помислата дека книгата дава навестувања за можниот став на Вашингтон во случај да избувне вистински конфликт меѓу Атина и Анкара.
Гореспоменатиот наводен конфликт се однесува на тековните тензии помеѓу Грција и Турција во Егејското Море предизвикани од судирот во врска со статусот на Кипар, кој останува поделен уште од 1974 година кога Турција го нападна северниот дел на островот. Овие тензии доведоа до неколку поморски инциденти во близина на Кипар и други спорни острови во кои беа вклучени грчки и турски воени бродови.
И односите меѓу САД и Турција неодамна влегоа во надолна линија кога Турција потпиша договор за купување руски системи за воздушна одбрана „С-400“. Вашингтон е загрижен дека неговите радари ќе може да го откриваат нивниот најнов авион „С-35“, кој требаше да биде испорачан во Турција.
САД се заканија дека ќе ја замрзнат испораката ако Турција не се откаже од договорот за „С-400“. Анкара одби да го стори тоа, но во исто време нагласи дека бара навремена испорака на „Ф-35“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
20 загинати во пожар во дом за стари лица во Кина

Најмалку 20 лица загинаа во пожар во дом за стари лица во северна Кина, јавува Анадолија.
Пожарот избувнал во вторникот вечерта во старечки дом во Лонгхуа Тауншип, градот Ченгде, во провинцијата Хебеј.
Кинеската новинска агенција Ксинхуа јавува дека истрагата за причините за пожарот е во тек.
Европа
Убиен полицаец во напад на полициска станица во Чеченија, Кадиров ги обвинува Украинците

Полицаец и напаѓач со нож се убиени вчера во напад на полициска станица во Чеченија, соопштија официјални лица, а лидерот на рускиот регион Рамзан Кадиров сугерира дека во нападот учествувал украински државјанин.
Кадиров, чеченскиот лидер и жесток поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, рече дека напаѓачот бил „ликвидиран“ по нападот во полициската станица во Ачка-Мартан, пред регионалниот главен град Грозни.
Кадиров испрати чеченци да се борат заедно со руските војници во војната во Украина, која Русија ја започна со инвазија на својот помал сосед.
Во коментарите објавени вчера на Телеграм, Кадиров рече дека е утврдено дека напаѓачот дејствувал по наредба на група предводена од украински државјанин. Тој не понуди докази за вмешаноста на Украина.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите. Нема веднаш коментар од Украина за тврдењата на Кадиров.
Свет
Захарова: Она што е нормално за Америка е шокантно за остатокот од светот

Царините се традиционална алатка на американската политика, но предизвикуваат шок во другите земји, изјави Марија Захарова, портпарол на руското Министерство за надворешни работи.
„Во текот на изминатиот ден, американските и реципроцитетните царини скокнаа уште повеќе. Тоа не е шега.
За Соединетите Американски Држави, ова е еден од традиционалните начини на водење бизнис. За многу земји тоа е шокантно“, напиша таа на нејзиниот канал Телеграм.
Денеска стапија на сила новите царини што САД им ги воведуваат на земјите ширум светот, вклучувајќи ја и онаа од 104 отсто против Кина. Покрај високите царини за Пекинг, САД воведоа царини за увоз од десетици други земји, вклучувајќи 46 отсто за Виетнам, 32 отсто за Тајван, 25 отсто за Јужна Кореја, 24 отсто за увоз од Јапонија, 20 отсто за сите земји од Европската унија.
Претходно агенцијата Ројтерс објави дека Европската унија подготвува контрамерки во вредност до 28 милијарди долари против американскиот увоз како одговор на воведените царини.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потпиша указ за воведување „реципрочни“ царини за увоз од други земји. Основната минимална стапка е 10 проценти, пренесува Спутник.
Повеќето земји се соочија со зголемени стапки, кои, како што објасни Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, беа пресметани врз основа на трговскиот дефицит на САД со одредена земја – со цел да се анулира дефицитот.