Македонија
(Видео) Исчезнатите Пино и Арбен биле барани во Смилковското Езеро, родителите го обвинуваат МВР за неажурност
Исчезнатите Пино Секондо и Арбен Аслан пред неколку недели биле барани со нуркачи во Смилковско езеро. Всушност, ова е единствениот детал кој родителите го добиле по исчезнувањето на нивните синови. Тие на денешните протести пред Собранието обвинија дека МВР не е ажурна во потрагите, а инспекторите и натаму не контактираат со нив.
„Нема никакви одговори за тоа што е досега направено во овие 110 дена од исчезнувањето. Барам министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да излезе и јавно да каже сѐ. Пред три недели, се бараа децата во Смилковско езеро. Јас кажав дека тоа не е потребно, оти знам дека мојот син не е таму и тоа е губење време. Инспекторот не е тука, земал слободни денови. Надлежниот на Службата за исчезнати лица е на одмор. Сега ќе чекаме тие да се вратат, па да видиме дали ќе ги најдат децата. Прегледани се снимките, нема ништо од нив. Овде некој нешто крие. Фирмата каде работи, соработува со други фирми. Се сомневам дека исчезнувањето има врска со син ми, за да се изврши притисок врз фирмата во која работи. Тој во фирмата работи на прибирање понуди и логистика“, вели Маја Трпковска, мајка на исчезнатиот Пино Секондо.
Мајката на Пино има пријава за вознемирување од премиерот Зоран Заев оти праќала пораки.
Бекир Аслан, кој е татко на исчезнатиот Арбен Аслан, изјави дека не им јавиле за да им ги кажат информациите по пребарувањето во Смилковско езеро.
„Син ми заминал со туѓо возило. Има само снимка кога влегува во автомобилот. Два месеци работат на таа снимка зашто е темна, но ништо не направија. Заминик-министерот Нухиу рече дека има снимки, а секторот за исчезнсти лица вели дека ги нема. Инспекторот во пензија со сила го терав да работи, му кажував што да прави, а што направил не знам. Новиот инспектор, Лазаревски сега контактира со нас скоро секој ден. Се сомневам дека е ликвидиран. Тоа се гласини кои сега ги слушам. Го повикувам МВР да не штити никого. Листинзите од телефоните се половина празни. Телефонот на син ми според листинзите е најден со сигнал кај Јане Сандански во Аеродром. Последена активност на телефонот му била во 22 часот”, вели Аслан.
Понудена била помош од Италија, но МВР одбила. Мајката на Пино, Маја Трпковска прашува зошто ако не можат да го најдат нејзиното дете, не прифаќаат помош од Италија.
Пино Секондо пред да исчезне излегол од дома со автомобил „шкода фабија“ со регистарски таблички SK 1566 AP. Арбен Аслан е исчезнат од 23 јануари годинава, а последен пат е виден како влегува во нечие возило, кое се уште не е пронајдено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

