Економија
Македонците на онлајн шопинг минатата година потрошиле 24 милиони евра повеќе во однос на 2017
Народната банка (НБРСМ) ги објави статистичките податоци за тоа колку средства потрошиле Македонците со купување преку безготовински платежни трансакции на интернет во 2018 година.
Според овие податоци, во текот на минатата година Македонците потрошиле вкупно 133,7 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 23,8 милиони евра (17,8%) во однос на претходната година. Согласно ова, од Народната банка констатираат дека граѓаните стекнуваат сè поголема доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките.
„Во текот на 2018 година реализирани се вкупно 5.435.285 онлајн трансакции, спрема 4.293.214 онлајн трансакции во текот на 2017 година, што претставува пораст од 21%. Од аспект на вредноста на трансакциите, исто така се забележува пораст“, стои во соопштението на НБРСМ.
Како што појаснуваат од Народната банка, податоците за онлајн транскции се формирани преку анализа на три категории, односно: домашни платежни картички кои реализирале трансакции кон домашни e-commerce трговци, странски платежни картички кон домашни трговци и домашни платежни картички кон странски e-commerce трговци.
Од таму истакнуваат и дека поголем дел од трансакциите се насочени кон странски онлајн продавници.
„Конкретно, 64% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство“, велат од банката образложувајќи дека тоа е пред сè поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија.
Сепак, и имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите.
Така, бројот на трансакции реализирани во 2018 година, во корист на домашните онлајн трговци бележи пораст од 132% во однос на 2017 година.
„Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година реализирани се вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец“, велат од НБРСМ и додаваат дека од домашни и странски купувачи, македонските онлајн трговци во 2018 година оствариле приход од 53,5 милиони евра.
На крајот, во соопштението се истакнува дека согласно податоците за бројот на веб-страници за е-трговија, заклучно со 2018 година во државава активни биле 871 продажно место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија доби речиси 2,5 милиона евра од планот за раст за постигнати резултати во намалување на неформалната економија, извести Министерството за економија
Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврди дека Северна Македонија преку министерството за економија и труд целосно и успешно ја спроведе реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“, извести Министерството за економија и труд.
„Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство.
Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија.
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година.
Притоа се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200% во однос на претходните години.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализира 669 инспекции, што е 40% повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите.
Овие постигнувања се резултат на спроведување на пристап заснован на проценка на ризик при планирањето на инспекциските активности, со приоритетно насочување кон секторите најпогодени од неформална економија – градежништво, туризам и земјоделство. Двете институции применуваат методологии за управување со ризик и активно користат дигитални алатки за подобрување на ефективноста и транспарентноста во своето работење
Европската комисија во својата оценка нагласува дека Северна Македонија ја реализирала реформата „целосно и успешно“, без утврдено двојно финансирање и со целосна усогласеност со европските стандарди.
Ова признание од Европската комисија е потврда за сериозната работа на институциите и за конкретните резултати кои носат корист и за граѓаните и за бизнисот. Справувањето со сивата економија е еден од клучните приоритети на Владата и Министерството за економија и труд– заедно со европските партнери ќе продолжиме да градиме одржлива, конкурентна и формална економија“, соопшти Министерството за економија и труд.
Свет
(Видео) Трамп до австралискиот амбасадор: Не те сакам и веројатно никогаш нема да те сакам
Претседателот на САД, Доналд Трамп, му рече на австралискиот амбасадор во САД и поранешен премиер, Кевин Рад, дека не го сака и веројатно никогаш нема да го сака.
Трамп вчера се сретна со сегашниот австралиски премиер, Ентони Албанезе. Политичкиот уредник на австралискиот „Скај њуз“, Ендру Кленел, го праша Трамп зошто требало толку долго време за да се организира состанокот. Тој беше заинтересиран дали има некаква врска со ставот на Австралија за климатските промени, Палестина или изјавите на Рад.
🤪 Trump to Australia’s ambassador: “I don’t like you either.”
An awkward exchange took place between the U.S. president and the Australian ambassador🇦🇺
After signing an agreement on rare earth minerals, a journalist reminded Trump that Ambassador Kevin Rudd had once called him… pic.twitter.com/UEooOxvqYs
— NEXTA (@nexta_tv) October 20, 2025
„Не знам ништо за него. Ако рекол нешто лошо, тогаш можеби би сакал да се извини. Дали амбасадорот рекол нешто лошо? Не кажувајте ми. Не сакам да знам. Каде е тој? Дали сè уште работи за вас“, Трамп го праша Албанезе.
Албанезе одговори дека Рад е сè уште амбасадор и покажа кон него. Рад призна дека кажал лоши работи за Трамп пред да стане амбасадор. „Ги повлекувам тие изјави“, рече тој.
„Ни мене не ми се допаѓаш. И веројатно никогаш нема да ми се допаднеш“, рече Трамп.
Во ноември минатата година, откако Рад беше потврден како избор на Албанезе за амбасадор на САД, се појави интервју од 2021 година во кое тој го опиша Трамп како селски идиот. Подоцна се дозна дека Рад избришал некои стари објави на социјалните мрежи во кои го нарекол Трамп предавник на Западот и лудак.
Економија
Цените на нафтата паѓаат
Цените на нафтата паднаа под 61 долар на меѓународните пазари денес, поради мрачни проценки за вишок понуда и знаци за затоплување на односите меѓу САД и Русија што би можело да значи полесен пристап до руска нафта.
На лондонскиот пазар, цената на барел по пладне беше за 72 центи пониска отколку на затворањето на трговијата на крајот од минатата недела, на 60,57 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена за 66 центи пониска, на 56,88 долари.
Расположението на пазарите е намалено од проценките за вишок понуда на крајот на оваа година и почетокот на следната година.
Понудата брзо расте, додека побарувачката е пригушена, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) минатата недела.
Во такви услови, светските залихи достигнаа највисоко ниво за четири години во август, од 7,9 милиони барели, пресмета агенцијата, а вишокот на понуда треба нагло да се зголеми најдоцна од следната година.
Инвеститорите се загрижени и за затворањето на американската влада поради спор околу буџетските трошоци.
Демократите го условуваат прифаќањето на предлогот за буџет за 2026 година со продолжено финансирање на програмата за здравствено осигурување за најранливите групи граѓани, додека републиканците ја отфрлаат оваа отстапка.
Дури 750.000 владини службеници би можеле да бидат испратени на неплатен одмор, што исто така ќе значи пониски трошоци, предупреди независниот институт CBO.

