Македонија
Бизнис средба меѓу македонски микро и мали претпријатија
Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, во саботата беше домаќин на Б2Б вмрежување меѓу компании од Пелагониски, Полошки, Источен и Североисточен регион, што се одржа во хотел Гранит во Охрид.
Целта на настанот е вмрежување меѓу сите учесници во проектот, а на почетокот беше организирана посета на компанијата Унипласт во Струга, еден од учесниците во Проектот, каде сопствениците зборуваа за сопствените менаџерски предизвици. Подоцна, учесниците во Проектот имаа можност да се запознаат едни со други, да ги претстават своите производи/услуги и најважно од сè, да разговараат за потенцијални заеднички бизнис соработки.
„Потенцијалот за соработка помеѓу компаниите е недоволно искористен, како и соработката помеѓу сродни и комплементарни бизниси, која што пак отвора можности за посериозен настап како на домашниот, така и на странскиот пазар. Оттука, организирањето на ваков настан како денешниот, каде на едно место се среќаваат сопственици на компании од разни делови на Македонија, е повеќе од потребно. Само со овој Проект, во изминативе 5 години се воспоставени преку 170 бизнис соработки помеѓу претприемачи учесници во проектов, коишто отпочнале токму на некој ваков настан. Со нетрпение ги очекувам новите соработки што ќе произлезат од денешното дружење”, изјави заменик директор на Проектот, ЦЕЕД Македонија, Билјана Дамевска.
Настаните за вмрежување се една од главните активности на Проектот за поттикнување на продажбата меѓу претприемачите од различни делови од Македонија. На настани како овој, учесниците создаваат нови релации и воспоставуваат соработки.
Започнат од УСАИД во јули 2011-та година, сега кофинансиран од Владата на Швајцарија, Проектот за микро и мали претпријатија, во вредност од 3,079,400 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Активностите на проектот се имплементираат во осум региони, на целата територија на Македонија. ЦЕЕД Македонија е имплементатор на Проектот и е една од институциите во наследство на УСАИД./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels

