Избори 2019
(Видео) Ременски: Дали Силјановска во ДИК се потпиша како кандидат за претседател на Северна Македонија
Гордана Силјановска, исто како и Христијан Мицкоски, не е искрена и е лицемерна кон граѓаните. Кандидатката на Мицкоски, Гордана Силјановска, во јавноста говори дека не го признава уставното име на нашата татковина, Република Северна Македонија. Таа јавно се обврза дека никогаш нема да го користи тоа име. Но, дали Силјановска е чесна како што се претставува или не е како што знаеме?, изјави Фросина Ременски во Дојран, која е потпретседателка на СДСМ и пратеничка.
Таа рече дека пред граѓаните Силјановска треба да одговори како ја поднела кандидатурата до Државната изборна комисија.
„Дали Силјановска е потпишана како кандидат за претседател на Република Северна Македонија? Дали уште пред да почне кампањата кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ ја излажа јавноста за едно од нејзините клучни ветувања? Јавноста чека одговор.
Лажно и лицемерно однесување пред граѓаните е неприфатливо. Граѓаните ќе изберат вистински, искрен и чесен претседател, кој достојно ќе ја претставува државата. Граѓаните ќе го изберат Стево, претседател на сите граѓани, кој ќе ја води државата кон напредок, развој и интеграција во ЕУ и НАТО“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Избори 2019
(Видео) Заев со честитки до Пендаровски: Драг Стево, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе
Премиерот Зоран Заев испрати честитка по повод инаугурацијата на претседателот на државата Стево Пендаровски. Честитката ви ја презентираме во целост:
„Почитувани граѓани, денес нашата земја добива претседател – тоа е нашиот Стево Пендаровски, лидер кој ни се приклучува во водството напред, во нашата заедничка иницијатива со која ја правиме Северна Македонија убаво место за живеење. Денес Пендаровски ја презема должноста да биде претседател на сите граѓани, натпартиски, да се бори за правда и правичност и да ја претставува земјата достоинствено насекаде низ светот.
,,Драг Стево, Нека е честито, успеавме, граѓаните потврдија дека мораме да продолжиме напред, преку заедништво. Ти посакувам успех и верувам во конструктивна соработка во интерес на развојот. Сега одговорноста е голема. Те поддржувам за да им служиш посветено и праведно на сите граѓани и на нашата држава.Честитки, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе и на првиот работен состанок. Нѐ чека многу заедничка работа, за нашиот народ”, се вели во честитката на Заев.
Избори 2019
Напладне инаугурација на Пендаровски во Собрание, ќе присуствуваат повеќе државници од регионот
Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе ја преземе функцијата, по свечената инаугурацијата во Собранието, по што официјално ќе започне неговиот петгодишен мандат.
На давањето заклетва на петтиот по ред претседател на земјава во 12 часот во Собранието, ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претседателите на Албанија, Бугарија и на Косово.
Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно”, според најавата, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести.
По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.
Пендаровски ќе оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.
Пендаровски вчера во Државната изборна комисија (ДИК) го доби уверението за избран претседател, пред неговата утрешна инаугурација во Собранието.
„По првпат, ако не се лажам, а памтам долго бидејќи имам доволен број години, од деведесетите па наваму, сите учесници во изборниот процес го признаа изборниот резултат и тоа е исклучително добра препорака за земјава. За тоа се заслужни не само моите двајца противкандидати на кои им благодарам за однесувањето во целата кампања туку и сите државни институции надлежни за организацијата, од Државната изборна комисија па сè до последниот гласачки одбор. Државата се однесуваше европски во целиот изборен процес“, рече Пендаровски.
Избори 2019
Управниот суд пресече – нема прегласување во Ново Село
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата поднесена од ВМРО – ДПМНЕ за изборите за градоначалник на Ново Село. Тие на својата веб-страница соопштија дека го потврдуваат решението што претходно го донесе Државната изборна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ бараше да се поништи гласањето на Избирачкото место број 1789 во постапката за избор на градоначалник на Општина Ново Село и гласањето да се повтори. Тоа го бараа оти констатирале дека во Избирачкиот список за тоа изборно место се потпишале вкупно 411 избирачи, додека во гласачката кутија биле пронајдени 412 ливчиња.
Државната изборна комисија на 11 мај го отфрли приговорот на ВМРО – ДПМНЕ за гласањето на ова избирачко место.