Македонија
Михаил Трендафилов – Нанче на средби со граѓаните во oхридската чаршија и пазарот
Со почетокот на предизборната кампања во Охрид од страна на кандидатот за градоначалник Михаил Трендафилов – Нанче веднаш почнаа и активностите на терен. Имено, по свеченото означување на почетокот на кампањата во градскиот парк пред спомениците на охридските великани Христо Узунов и Методија Патчев, кандидатот за градоначалник Михаил Трендафилов – Нанче со претставници на својот изборен штаб изврши посета на градската чаршија и градското пазариште и оствари средби со многујбројни охриѓани. Имено, беа поставувани голем број прашања до кандидатот, особено поврзани со сè поголемите економски проблеми на чаршискиот еснаф, слабиот промет во чаршијата и пазариштето, сè поголемите економски тешкотии на охридскиот еснаф.

Одговарајќи на голем број прашања од охриѓани, евидентен беше огромниот интерес што охриѓани го имаат во однос на кандидатурата на својот сограѓанин Михаил Трендафилов – Нанче, притоа изразувајќи голема поддршка и интерес за неговата кандидатура.
Нанче одговараше на сите прашања во врска со проблемите на охридските трговци и пазарџии. Притоа истакна дека, доколку охриѓани му ја дадат довербата на Нанче, тој одговорно и посветено ќе ги решава систематски. Во делот на слабиот промет во чаршијата и пазариштето во Охрид, конкретно Нанче истакна дека примарно е враќањето на редот и поредокот во Охрид, строга контрола на правилата на игра во однос на конкуренцијата, сузбивање на нелојалната конкуренција, враќање на вербата на граѓаните во локалните власти и ставање посебен акцент на привлекувањето повеќе туристи во градот. Со зголемен ред и зголемен број туристи прометите во чаршијата и пазарот ќе растат, а со тоа и стандардот на трговците.
Тука, се разбира, а што е значајно за туристите, е и одржувањето највисоко можно ниво на хигиена во центарот на градот. Исто така, сигурноста на туристите е многу значајна, како и нивните очекувања од автентичноста од изгледот на градот. За овие теми преку разговорите со охриѓани, кандидатот за градоначалник, Михаил Трендафилов – Нанче, им вети особено внимание на овие горливи теми.
„Зголемен ред, зголемена хигиена, зголемен број туристи, поголем промет за охридските трговци“, изјави Михаил Трендафилов – Нанче во средбите со охриѓани во чаршијата и пазарот, соопшти ГДУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Лицата кои повикуваа на тепање и убивање на протестите против „Безбеден град’’, активно вклучени во кампањата на СДС и Спасовски
Лицата кои деновиве повикаа на тепање и убивање на полициски службеници, поради желбата да возат без возачки дозволи, поради проектот „Безбеден град’’, биле активно вклучени во кампањата на Оливер Спасовски, што може да се види на фотографијата на екранот, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицата кои јавно се спротивставија на проектот „Безбеден град’’, во изминатите денови излегоа на протести, кои беа насочени против мерки кои имаат за цел да спречат возење без возачка дозвола, без регистрација и без одговорност.
СДС и Спасовски, да потсетиме за јавноста, гласаа против имплементација на проектот „Безбеден град’’ во Собранието.
Замислете, ексминистер за внатрешни работи, кој не направил буквално ништо во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, гласаше против“.
Јавно ги прашуваме СДС и Оливер Спасовски, рече Петрушевски, дали ќе се дистанцираат и оградат од овие протести и од лицата кои повикуваа на јавен линч, и дали сметаат дека е прифатливо да се протестира против сообраќаен ред, закон и безбедност.
„СДС и Оливер Спасовски мора да дадат одговори на јавноста затоа што, за време на протестите беа забележани закани со насилство и убиство, и ова е повеќе од алармантно.
Ваквото однесување е недозволиво во демократско општество и затоа ги повикуваме сите надлежни институции да постапат без селекција и без двојни аршини, строго согласно закон, и да обезбедат одговорност за сите кои испраќаат закани за насилство“.
СДС и Оливер Спасовски, додаде тој, повторно се обидуваат да направат саботажа на се што е добро и е од интерес за граѓаните.
Според него, целта на ,,Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Секој оној кој се залага за безбедност и ред во сообраќајот го поддржува овој проект.
Македонија
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци, бараат надлежните да извршат проверка на мобилен телефон
Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци преку Вибер комуникација од затворот.
„Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј. кое издржува притвор во затворот во Скопје му дава на користење мобилен телефон на Тодор Јованов, братот на монструмот, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на обвинителството. Ги повикуваме надлежните да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон“, изјави мајката на едно од загинатите лица.
Таа кажа дека се случил геноцид на млада генерација поради алчност, корумпираност и несовесно работење и вели дека пак се продолжува да се работи во таа насока.
„Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овој пат вистината да остане скриена“, рече таа.
Македонија
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит
Младите во Гази Баба ќе добијат по 10.000 денари од општината за полагање возачки испит, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Исполнуваме уште едно ветување од мојата изборна програма. Младите добиваат 10.000 денари за полагање возачки испит. Објавен е јавен повик за субвенционирање на младите за полагање на возачки испит – конкретна мерка, реална поддршка, јасна порака: младите се наш приоритет“, вели Стефковски.
На огласот може да аплицираат млади од 18 до 25 години и жители на Општина Гази Баба. Треба да поднесат барање во Архивата на Општината и да направат уплата во регистрирана авто школа.
Потребна документација:копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; фоказ за извршена уплата (оригинал); тековна состојба на авто школата (не постара од 2 месеци).

