Македонија
Визер скопски маратон преку партнерство со GivenGain цели кон поддршка на оние на кои им треба помош
Оваа година за илјадниците учесници, но и за тие кои сакаат да помагаат, Визер скопски маратон одлучи да ја надгради хуманоста во Македонија со отворање партнерство со глобалната платформа за донации GivenGain. Воедно, преку официјалниот вебсајт www.givengain.com секој може да донира за СОС Детско село, Проект среќа или Здружение на лица со пулмонална хипертензија – Момент плус за само 30 секунди.
Тимот на Визер скопски маратон, Сојуз на спортови на Град Скопје, ја користи оваа можност и соработка со цел да направи што е можно поголем социјален импакт во државата. Покрај охрабрувањето луѓето да спортуваат и да го негуваат своето здравје, организаторот го користи своето влијание за поттик на донирањето. Кире Синадиновски, директор на Визер скопски маратон, за можноста вели, „Имаме обврска кон нашата заедница. Ние сме луѓе кои сме цврсто уверени и убедени дека напредокот на светот во кој живееме зависи од нас. Секојдневно ги бараме начините како да го постигнеме тоа и затоа ни е екстремно драго што како Визер скопски маратон го најдовме најефективниот и најбрз начин да им се помогне на тие кои им е потребно.“
Покрај самата директна донација, сите кои ќе учествуваат на Визер скопскиот маратон можат да креираат своја страна за поддршка на некои од трите здруженија и да ги повикаат своите пријатели да им помогнат во нивната поставена цел за собирање на средства. Креирањето повик преку GivenGain е многу едноставен:
– посетете ја официјалната страница на Визер скопски маратон на GivenGain на https://www.givengain.com/e/wizzairskopjemarathon2019/
– избирате ‘Start fundraising’ за да се регистрирате со Facebook или Google
– избирате една од партнерските добротворни организации за поддршка
– додавате ваша слика/порака, таргет за собирање средства и кратка приказна за тоа зошто собирате средства
– го споделувате вашиот линк за проектот за собирање средства и ги охрабрувате и вашите пријатели и познаници
„Време е промената која ја посакуваме да дојде од нас. Донирајте, лајкувајте и споделувајте. GivenGain е нашиот чекор, па ве повикуваме да биде и вашиот“, порача Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

