Регион
Политико Јуроп: Хулигани го водат Косово
Хашим Тачи и неговите луѓе од Косово создадоа мафијашка држава, а сега се обидуваат да го спречат формирањето на специјалниот суд за воени злосторства. Ова меѓу другото се наведува во текстот кој под наслов „Хулигани го предводат Косово“, го објави „Политико Јуроп“.
Инаку „Политико Јуроп“ е бриселски информативен портал основан од американскиот „Политико“ и германскиот „Аксел Шпрингер“.
Текстот е потпишан од американскиот новинар со хрватско-ирско потекло Чак Судетиќ, кој во кариерата најмногу пишувал за војните на просторите на поранешна Југославија и за војните во Заливот. Исто така Судетиќ бил соавтор на мемоарите на поранешната обвинителка на Трибуналот во Хаг, Карла дел Понте, а неговата книга за Сребреница беше меѓународен бестселер.
Судетиќ пишува за „Вашингтон Пост“, „Економист“, „Ролинг Стоун“ и „Атлантик мантли“.
Повод за текстот на Судетиќ е тоа што Приштина и покрај притисоците од Европската унија и САД со месеци одбива да ги усвои прописите кои ќе овозможат формирање на Специјалниот суд кој ќе ги истражува воените злосторстава направени од поранешната ОВК.
Новинарот, повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека Косово ќе се соочи со сериозни последици во односите на Америка и Европа, а како главен виновник го посочува Тачи. Како што се наведува, Тачи и останатите од косовската политичка елита во западните разузнавачи извештаи се наведени како „преставници на организиран криминал“ и дека тие ги жртвуваат интересите на Косово само за да се заштитат себеси од кривично гонење.
Во текстот, новинарот пишува дека западните дипломати во Приштина не веруваат дека Тачи е искрен кога вели дека го поддржува формирањето на Специјалниот суд. Западните дипломати шпекулираат дека поддршката на Тачи за формирање на судот е само „политички театар“ и дека тој работи зад сцената што подолго да го одложи неговото формирање.
Покрај Тачи и неговата партија против формирање на Специјалниот суд е и Рамуш Харадинај и неговата партија. Поради тоа, во дипломатските кругови во Приштина се поставува прашањето дали тие стравуваат дека ќе бидат уапсени, дека ќе им биде судено и дека ќе им бидат определени повеќегодишни затворски казни.
Во текстот се пренесува изјава на еден американски амбасадор дека „тажен е фактот што САД и земјите од ЕУ уште пред десет години знаеле дека Тачи и неговите луѓе се вмешани во трговија со дрога и формирање на мафијашка држава“.
На ова тема некои западни дипломати рекле дека неодамнешните вооружени судири помеѓу терористите од ОВК и специјалните полициски сили на Македонија во Куманово, како и порастот на илегалните мигранти во февруари од Косово кон земјите од ЕУ, преставуваат закана за Европската унија од косовското политичко подземје каков хаос можат да предизвикаат доколку Брисел не престане да притиска со барањето за формирање на Специјалниот суд, пишува „Политико Јуриоп“. крај/мф
Извор: politico.eu
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

