Македонија
Заниер-Џафери: Да се гради одржлива политика со балансиран пристап
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со Ламберто Заниер, висок комесар за малцински прашања на ОБСЕ, избран на таа позиција на 19 јули 2017 година. Џафери даде краток вовед во однос на воспоставената долгогодишна соработка од 1993 година и рече дека улогата на ОБСЕ е високо ценета кај нас во насока на развојот на демократските процеси во земјата и особено значајна во таа насока е улогата и константната соработка со високиот комесар за национални малцинства.
Особена благодарност за придонесот на високиот комесар за придонесот што го дава во унапредувањето на меѓуетничките односи и залагањето на Република Северна Македонија за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на сите етнички заедници кои живеат тука. Претседателот Џафери направи краток осврт и на актуелната застапеност на претставници од сите етнички заедници во парламентарниот состав и за законското решение со кое заедниците кои не се застапени во Собранието, да имаат свој претставник во Комитетот за меѓуетнички односи, на предлог на омбудсманот. Што се однесува на определбите од Охридскиот рамковен договор, во март 2018 година е донесен Законот за употреба на јазиците, и согласно истиот, основана е Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, а се очекува и основање на Инспекторатот за употреба на јазикот. Претседателот на Собранието изрази задоволство и од Резолуцијата за промени и подобрување на положбата на Ромите, којашто е веќе во процедура. Сиот вложен ангажман е во насока на остварување на заедничката цел, односно градење соживот и унапредување на меѓуетничката интеграција и толеранција, кои се многу важни за стабилноста на државата.
Високиот комесар Заниер, вреднувајќи ја високо улогата на Собранието во ратификацијата на договорот со Грција и ЕУ и НАТО-перспективите, му честиташе на претседателот Џафери за неговиот личен ангажман во постигнување на овие цели. Неговиот прв впечаток по пристигнувањето во Република Северна Македонија е дека има повисок степен на стабилност а по остварените средби со директорот на Агенцијата за примена на јазикот и Министерот за образование, констатира дека тие институции имаат стратешка улога за зајакнување на процесот на социјална интеграција. Неговите совети се да се гради одржлива политика со балансиран пристап. Имајќи предвид дека ОБСЕ работи во многу земји на овие прашања, имаат и искуство и практики кои можат да ги споделат и со нас. Комесарот Заниер се интересираше и за новото Министерство за политички систем и за тоа дали тоа ќе повлече нова законска регулатива на што претседателот Џафери даде широко образложение за тоа како дојде до основање на оваа нова институција и дека новина за разлика од претходните две институции кои се редефинираат во ова тело е всушност извршната надлежност.
Соговорниците разговараа и за претстојните претседателски избори за кои веруваат дека ќе бидат фер и демократски, а претседателот Џафери потврди дека за верификација на непристрасноста акредитирани за ОБСЕ и ОДИХР, а вклучени се и домашни институции како што е Државниот завод за ревизија и Комисијата за борба против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди и температура до 14 степени
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб, a вдолж Повардарието умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во текот на оваа седмица нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла, поради што дневната температура ќе биде пониска.
Македонија
СДСМ не му се извини на Томовски, тој најави дека ќе ги тужи
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска кажа дека нема да му се извинат на директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Ова следи откако вчера СДСМ обвини дека семејната фирма на Томовски добила 161 тендери вредни 5,3 милиони евра. Тој, пак, рече дека нема никаква приватна компанија, побара извинување, а во спротивно најави тужба.
„Не, нема да му се извиниме на Томовски. Кажавме и ќе повториме, не се извинуваме на тие што пумпаат пари од граѓаните! Ние се бориме против криминалот и корупцијата и продолжуваме. Наместо извинување денеска ќе објавиме уште еден податок, уште еден факт, уште еден доказ“, рече Кузеска и додаде дека „меѓу телефонските броеви коишто се наведени во фирмата го има и бројот на Томовски“.
По ова, на Фејсбук повторно реагираше Томовски.
„Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број – број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат, и следува тужба. „Јака“ работа завршил антикорупцискиот тим на СДСМ – го нашле мојот број што сите го знаат и е на мое име“, пишува меѓудругото во неговата реакција.
Се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали Венко Филипче уценувал студентки како професор барајќи неморални услуги за оценки-Можеби за ова има докази, а можеби и не. Вака отприлика звучат обвинувањата на СДС кои секојдневно ги адресираат, без докази, без аргументи и само со расфрлање на пердуви.
Ниската комуникација без аргументи единствено е својствена за Зоран Заев за кои е само непознато дали им ги праќа напишаните соопштенија на маил или од Струмица ги испраќа со автомобил на USB до Бихаќка. Многу „јаката афера“ на СДС заврши со јавно објавување на некаков телефонски број и тоа им е главниот доказ, што е голема срамота. Ги молиме за поголема сериозност и концентрација.
Трговецот од Горни Милановац нема да ја направи победничка партијата со тоа што ќе измислува и креира клевети. Очигледно СДС не научи ниту една лекција од поразот, туку Филипче реши да оди во длабокото, каде ќе се удави.
Наместо на лажливи прес-конференции тие треба да одат на обвинителна клупа. Љупчо Коцевски нема вечно да ги штити и Заев и Филипче. Ќе има одговорност за ова“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска демантираше дека Договорот за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Велика Британија предвидува изградба на бегалски кампови во земјава.
Според него, договорот е еден од најзначајните документи што Македонија ги има постигнато со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија.
„Со овој договор за стратешко партнерство предвидени се одредени средства со коишто ќе се гради инфраструктура во Македонија. Ќе се градат железници, автопати, здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но за жал на опозицијата, која се обидува да спинува, нема да се градат било какви бегалски кампови. Британија, откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западниот Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс таму каде што Македонија и земјите членки на ЕУ и земјите кандидати имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите. Тоа го прави Британија со овој дополнителен механзам, којшто е комплементарен со Фронтекс. Нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партии од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија. И тоа сакаме јасно да го демантираме. Сите оние кои се обидуваат оваа тема и понатаму да ја спинуваат, очигледно имаат недостаток или на визија или на проекти кои би ги понудиле како Македонија да има постабилни партнери и постабилни држави-пријатели како што е Велика Британија“, истакна Милошоски.
Претходно, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие би имале можност да заминат кога ќе посакаат.

