Македонија
Заев: Да работиме на јакнење на капацитетите и стандардите, што е важно за интеграциите
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска се обрати на регионалната конференција ,,Национална економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“, во организација на Сојузот на ротари клубови на Република Северна Македонија.
Тој порача дека треба да се работи на подигнување и јакнење на капацитетите и стандардите, што е важно во процесот на евро-атлантските интеграции,
На отворањето на настанот премиерот рече дека постигнувањето на договорите со Бугарија и Грција и стабилизирањето на работите дома имаат смисла и вредност ако се искористат креативноста, знаењето и храброста на деловните луѓе и граѓаните за да може тоа да донесе полза и перспективи во периодот што претстои.
„Верувам дека токму тоа ќе се случи. Се случило во сите земји, кога го поминувале тој пат, ќе се случи и во нашата земја и очекувам повеќе да се случува кај нас, заради тоа што навистина блескаме во моментот на регионално и меѓународно ниво, а и дома сите претходни прашања се затворени или подготвени за да може бенефит да биде економијата, а со тоа и граѓаните на нашата земја“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Филипче докажува секој ден дека само ги исполнува желбите на Заев, оваа политика значи крај за СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Венко Филипче воопшто не е заинтересиран ниту за партијата, уште помалку за граѓаните и државата. Филипче секој ден се интересира само за една работа, а тоа е како да ги задоволи желбите на Зоран Заев и како заедно со него да го минува времето во луксузни вили, јахти во соседството или во Дубаи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче да беше малку заинтересиран за јавното добро за почеток ќе направеше нешто добро за СДС, ќе започнеше со консолидирање на партијата, поставување на нови и квалитетни кадри. И доколку Филипче почнеше да прави нешто добро за партијата во државава ќе имаше здрава опозиција.
Филипче и Заев не се никакви партиски другари кои работат за добро на членството, на партијата, државата. Филипче и Заев се друштво заинтересирано за лични цели, па ја држат во заложништво и СДС.
Филипче покажа и докажа дека не сака силен СДС, туку сака само да му удоволува на Заев. Токму затоа се додека Филипче и Заев заедно ги влечат конците во СДС единствен резултат ќе бидат расипнички политики. Токму затоа оваа политика ќе значи крај за СДС“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Го турнале на земја, го удирале со клоци, го ограбиле, па се обиделе да му го скршат мобилниот телефон: eден осомничен за разбојништво во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 од Кривичниот законик.
Делото го извршил заедно со уште едно лице по кое се трага. На 15 ноември, спроти еден трговски центар во Скопје, двајцата следеле еден оштетен. Во еден момент осомничениот со тупаница го удрил оштетениот по главата, а другиот напаѓач му се заканил со боксирач.
Претурајќи по јакната на нападнатиот пронашле и одзеле 8.800 денари. Го турнале на земја, го удирале со клоци и се обиделе да му го скршат мобилниот телефон, по што избегале.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 43-годишник.
Македонија
Наутро услови за магла, во текот на денот претежно облачно
Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 16 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на нестабилно време со појава на магла во утринските часови. Од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни (над 30 l/m²). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а долж Повардарието од југоисточен правец (над 60 km/h).

