Македонија
Шилегов пред колегите од Балканот ја претстави визијата за Скопје како европска зелена престолнина
Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, е во посета на збратимениот град Сараево, каде што учествуваше на првиот самит на градоначалниците на главните градови на државите од Југоисточна Европа.
Како што информираат од службата за односи со јавност, во своето обраќање пред присутните Шилегов зборувал за визијата Скопје да стане европска зелена престолнина.
Toj истакнал дека Скопје е прв град од Северна Македонија што се приклучува на мрежата зелени градови и ја почнува изработката на акцискиот план за зелен град, кој е фокусиран на низа предизвици во рамките на урбаниот одржлив развој и животната средина.
Исто така, ја споменал и реализацијата на проектот на Град Скопје и ЈСП за набавка на 35 автобуси на природен гас (CNG), во висина од 10 милиони евра, средства обезбедени преку заем од ЕБОР.

„Кога се кандидирав за градоначалник, на моите сограѓани им ветив дека Скопје ќе биде функционален и паметен град, безбеден за растење и спокоен за пензионирање. Проектот ‘Паметен град’ прерасна во основен мотив на градската администрација за остварување на главната цел – да го претвориме Скопје во функционален град, кој целосно ќе излегува во пресрет на потребите на граѓаните. Крајната цел е жителите да добијат ефикасни и евтини јавни услуги, со целосен увид во перформансите на градската администрација“, објаснил скопскиот градоначалник пред колегите.
Шилегов додал дека неговата визија за Скопје има цел да обезбеди и модерно управување со паркинг-местата во надлежност на градот.
„Планираме да овозможиме секој граѓанин преку корисничка апликација да има увид на слободните паркинг-места во реално време. Со тоа ќе го олесниме барањето слободно паркинг-место, така што директно влијаеме за заштеда на времето и на ресурсите на граѓаните. Паметното осветление на јавните градски површини, од друга страна, очекувам да резултира со огромни заштеди на трошоците за електрична енергија, што ќе ги намали ставките за јавно осветление“, додал тој, а се осврнал и на зазеленувањето на јавните површини и на подигањето нови паркови како приоритет на Град Скопје.

Домаќин на првиот самит на градоначалниците на главните градови на државите од Југоисточна Европа бил градоначалникот на Сараево, Абдулах Скака, а посетата на Шилегов на овој град е и по повод одбележувањето 6 Април – Денот на градот Сараево.
На состанокот, покрај скопскиот градоначалник, присуствувале и градоначалникот на Љубљана, градоначалникот на Тирана, член на градското собрание на Белград, заменичката на градоначалникот на Подгорица, а градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, упатил писмо со поддршка. Почесен гостин на самитот бил и градоначалникот на Куала Лумпур, Дато` Нор Хишам А Далан.
Учесниците на самитот се определиле за интензивирање на соработката и за континуирано поврзување на главните градови од регионот, како и воспоставување формална рамка за соработка со мото „Градови без граници“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

