Македонија
Силјановска положи цвеќе на споменикот на Ченто

Кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова положи цвеќе на споменикот на првиот претседател на АСНОМ, првиот претседател на Македонија, Андонов Ченто. Според неа, тоа е моќна симболика зашто еден од основните темели на Европа е борбата против фашизмот.
„Ние активно, односно партизаните, активно се вклучиле на правата страна, што значи уште од тогаш Европа и ЕУ биле нешто природно за нас. Она што тревожи е што кога јас учев основно и средно, за Ченто не учевме, ние не смееме да си ги забораваме хероите, а особено првите претседатели на државата и од тоа да се срамиме. Односно да се срамат оние што ги криеле. А што се однесува до мене, симболиката би била – ако е тој еден од најпочитуваните, првиот претседател, зошто не би била жена првата претседателка на Република Македонија“, рече Силјановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Ѓорче Петров објави повик за субвенции за велосипед

Општина Ѓорче Петров денеска го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување нов велосипед.
Вредноста на субвенцијата изнесува 50% од вкупната цена на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, вклучително и данок на личен доход – информираат од Општината.
„Право на користење на средствата имаат жителите на Општина Ѓорче Петров кои ќе купат нов велосипед на територијата на Република Македонија во периодот од 01.01.2025 година до 30.06.2025 година или до исцрпување на предвидените средства“, појаснуваат од Општината.
Јавниот повик ќе трае до 30 јуни 2025 година, односно до исцрпување на буџетот предвиден за оваа намена во висина од 500.000 денари.
Пристигнатите барања ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, според датумот и времето на поднесување. Аплицирањето се врши во архивата на Општината, секој работен ден од 08:30 до 15:00 часот, во затворен плик со потребната документација.
„Со оваа мерка продолжуваме да ги поддржуваме здравите и еколошки навики на нашите сограѓани. Грижата за животната средина и поттикнувањето на физичка активност се важен дел од локалните политики“, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Формуларите и целосниот јавен повик се достапни на веб-страницата на Општина Ѓорче Петров.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче да каже која е неговата улога во тендерите со јаглен, па затоа добил ауди Q8

Венко Филипче да каже што друго освен луксузното Ауди Q8 има како профит од тендерите со јаглен во ЕСМ од фирмите на Вице Заев и Енис Колашинац, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче да каже која е неговата улога во тендерите со јаглен, па е награден со луксузно ауди? Венко Филипче и СДС не можат да молчат особено што фирмата на Вице Заев во Бугарија, Гомасидра, која инкасирала 9 милиони евра од јагленот, се наоѓа на иста адреса како и неговата фирма „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd). Венко Филипче и Вице Заев делат ист канцелариски простор, на нивните фирми во Бугарија, на иста адреса се наоѓаат и редица фирми на Заев“, рече тој.
Очигледно е, додаде Петрушевски, дека фирмите на Заеви и Филипче во Бугарија се испреплетени, а парите помеѓу нив се во ист двор.
„Очекуваме јавното обвинителство да реагира и отвори случај за Венко Филипче, а за тоа има пред сè две многу силни причини: прво, фирмата добитник на државен тендер за испорака на јаглен, му купила луксузен џип ауди Q8 од 130 илјади евра. И под два, милиони од тој тендер завршиле на сметка на фирма на Вице Заев во Бугарија со иста канцеларија со фирмата на Венко Филипче“, рече Петрушевски.
Македонија
Спасувачка акција на Јабланица: повредена планинарка заглавена на непристапен терен

Хеликоптер од МВР се упати на Јабланица каде на непристапен терен има повредена жена од Струга.
Од Црвен крст Охрид известија дека утрово добиле аларм за интервенција на планината Јабланица, каде женска особа од Струга, се здобила со сериозна повреда на скочен зглоб.
„Поради комплексноста на теренот и далечината од најблискиот пристапен пат, ПСС се обрати до ЦУК со барање за воздухопловна асистенција. Во меѓувреме, еден тим од шест спасувачи со теренско возило се упати кон планината со цел пешки да пристапи во случај да нема можност за интервенција со хеликоптер“, велат од Црвениот крст.
За среќа, додаваат од таму, пред 30 мин беше беше полетан хеликотер на МВР, кој во содејство со припадници на Специјалната Антитерористичка Единица се на пат до местото на настанот, а тимот на ПСС се повлекува од терен.