Економија
Заев: Со мерките за вработување, вработени се 3.934 граѓани во само три града
Гаранцијата за млади – искуствата и придобивките од оваа мерка во Оперативниот план за вработување беа тема на денешниот настан на кој учествуваа претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, активирани млади лица преку мерката, теренски работници коишто ја промовираат мерката, како и други чинители вклучени во процесот.
Учесниците повеќе од еден час ги пренесуваа своите лични искуства од користењето на Гаранцијата за млади, којашто за првпат лани се пилотираше во Скопје, Гостивар и Струмица, и се информираа како може да се вклучат во истата.
Премиерот Зоран Заев истакна дека само врз база на мерките од Оперативниот план, вработени се 3.934 граѓани во Северна Македонија и тоа само во пилот-фазата во три града. Оваа година имплементацијата на Гаранцијата за млади ќе се реализира на целата територија на земјата со посебен акцент на североисточниот Полошкиот и Југозападниот Регион во кои се спроведуваше пилот-фазата. Само во овие три региони се очекува 3.000 млади лица да бидат опфатени со мерката Гаранција за млади. Планираниот опфат на учесници во гаранција за млади на целата територија е околу 9.500 млади лица
„Младинската невработеност, односно нејзиното намалување е приоритет на Владата на Северна Македонија. Минатата година севкупниот процент на невработени го спуштивме под психолошката бројка од 20 отсто и сега изнесува 19,7 отсто, што ни дава импулс во 2019 година за речиси трипати да го зголемиме буџетот за поддршка на Оперативниот план за вработување“, истакна премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изјави дека со Гаранцијата за млади Владата покажува дека се грижи секое младо лице да си го најде местото во општеството и да остане во државата бидејќи само така можеме да изградиме силна економија.
„Северна Македонија е единствена земја во регионот којашто не е ЕУ членка, а којашто ја има воведено гаранцијата за млади. Тоа е мерка што ги поврзува младите луѓе со државните институции во посредување при вработување за на крајот да стигнат до вработување во реалниот сектор. Бизнис-компаниите го препознаа интересот на Владата да подготви млади луѓе коишто ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и коишто ќе се вработуваат во бизнисот. Во 2018 година повеќе од 1.800 млади лица се вработија токму заради младинската гаранција во 2019 го продолжуваме во три региони овој концепт за во 2020 година да очекуваме и законско решение со коешто на секое младо лице ќе му се гарантира дека по завршувањето на образованието ќе добие можност да се доквалификува и да добие можност да се стекне со одредена вештина што ја немало во образовниот процес за на крајот да дојде до вработување“, рече Царовска.
Елена Мицеска, сега вработена како професорка во една скопска гимназија, го пренесе своето искуство од користењето на Гаранција за млади. Мицеска прво учествувала обука за банкарство, а потоа и била ангажирана како практикант во банка. Дритан Даути, дипломиран правник од Гостивар којшто учествувал во програмата за практиканство, сега е вработен во нотарската канцеларија каде што ја поминал праксата.
Флоранда Мухарими и Дарко Николовски, коишто преку двете граѓански организации на терен работат на активација на младите лица, велат дека нивната задача е да ги информираат невработените млади лица за Гаранција за млади, и дека понекогаш и лично ги носат во Центрите за вработување за да се пријават за работа.
На настанот учествуваа и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, претставници од граѓанските и меѓународните организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Министерството за економија и труд објави јавен повик за кофинансирање проекти за паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација
Врз основа на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2024 година, Министерството за економија и труд предводено од министерот Бесар Дурмиши денеска го објави Јавниот повик за кофинансирање на иновативни, истражувачки и развојни проекти поврзани со паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација во областа на домените дефинирани во согласност со Стратегијата за паметна специјализација.
Оваа стратегија е реализирана во партнерство помеѓу академијата и бизнисот, како и други фактори од четворниот хеликс.
Предмет на Јавниот повик е развој и имплементација на проекти во рамки на кои ќе се воспостави и формализира долгорочна соработка меѓу чинители од четворниот хеликс и други заинтересирани страни.
Проектите треба да поттикнат специјализација, зелена и дигитална трансформација во приватниот сектор со користење на услуги од академијата за пренос на знаење, иновации и технологии, за креирање на нови или подобрување на постоечките производи, услуги и процеси со високо додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на домашниот и на меѓународните пазари.
Од резултатите од реализацијата на овој проект, Министерството за економија и труд очекува да придонесе за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачката индустрија и домените од Стратегијата за паметна специјализација.
Јавниот оглас е објавен на веб-страната на Министерството за економија и труд и за оваа мерка се предвидени вкупно 15.000.000 денари од буџетот на министерството.
Економија
Мицкоски од Германија: Нови компании изразија интерес за инвестирање во Македонија, ќе преговараме
Премирот, Христијан Мицкоски имаше излагање во Стопанската комора на Германија (OA-Ost-Ausschuss der Deutschen Wirtschaft) каде ги презентираше економските планови и плановите за инвестиции во енергетиката и инфраструктурата и можностите за соработка и инвестиции на германските компании кои веќе се присутни на македонскиот пазар.
Покрај веќе присутните компании на домашниот пазар во државата, интерес да инвестираат кај нас пројавија и нови странски компании, премиерот најави дека многу скоро денеска ќе се отворат преговорите за можно нивно инвестирање.
„Можам да кажам дека имавме многу отворен, искрен и продуктивен состанок со претставниците на германската Стопанска комора делот којшто е одговорен за инвестиции во источна и југоисточна Европа. Голем дел од компаниите коишто беа присутни на овој состанок се веќе присутни со свои производни погони кај нас. Имаше и такви компании коишто недвосмислено изразија желба да инвестираат кај нас да бидат присутни на македонскиот пазар. Нормално разменивме детали за понатамошен контакт и мислам дека многу скоро денеска ќе бидеме посетени ќе ги отвориме преговорите за можно нивно инвестирање. Наша цел како Влада уште од самиот почеток беше подобрување на инвестициската клима и зголемување на инвестициската активност на компаниите, не само домашните и странските исто така. Мислам дека ова во Германија е исклучителна доволна можност имајќи предвид дека нашата трговска размена надминува повеќе од пет милијарди евра, илјадници наши граѓани работат во компаниите каде што се сопственици германски инвеститори и ние како Влада имаме и обврска, но и одговорност да продолжиме со промоција во најголемата би рекол европска економска сила. Промоција на инвестициските можности и капацитети. Денеска тоа го направивме во неколку области како што се услугите, туризмот, енергетиката, производството итн. и мислам дека имавме исклучително позитивен состанок и мислам дека по овој состанок да бидам попрецизен, сигурен сум ќе имаме уште неколку нови инвеститори во периодот којшто следи.“, изјави премиерот Мицкоски.
Задоволство од целите на македонската Влада која е насочена во зголемување на инвестициските активности на странските компании на македонскиот пазар изрази и Мајкл кој посочи дека дискусијата била ефикасна.
„Јас морам да кажам дека дискусијата беше многу ефикасна и надежна, за тоа имавме деклариран впечаток, бидејќи премиерот изјави дека оваа Влада е навистина бизнис ориентирана. Разговаравме за прашања поврзани особено со енергетиката и инфраструктурата, како и за фармацевтските производи и дигитализацијата.“, изјави Мајкл Хармс.
Приоритет на Владата е економско стабилизирање на државата и да бидеме пријатели со бизнис заедниците. Важно е да се отворат што повеќе работни места да им се помогне на македонските граѓани да имаат добро платено работно место и подобар стандард со цел да останат дома, наместо да се селат надвор.
Економија
ЕСМ: Почна грејната сезона, во октомври и во првата половина од ноември снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од атмосферските услови
Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 година, за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ.
Според компанијата, испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши во периодот од 6 ч до 22 часот, следејќи строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури.
Според овие правила, како што е нагласено во соопштението во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот.
„При тоа, доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците
имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно со стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците.
При точно дефинирани одредени атмосферски услови кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности по направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните
дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, т.е. централното греење повторно се вклучува“, се наведува во информацијата.
Од вкупно 62.579 активни потрошувачи што се приклучени на централното греење преку ЕСМ, 61.486 се домаќинства, а 1093 се деловни објекти и институции, додека околу 1980 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.
„Важно е да потенцираме дека оваа година, првпат споредбено со претходните години бележиме најнизок број на затворени објекти на почетокот на грејната сезона. Ова се должи пред сè на соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици, како и на заложбата на новите раководства на компаниите основани од АД ЕСМ, особено ЕСМ Дистрибуција, која имаше клучна улога во продуктивната и постојана комуникација со корисниците“, истакнуваат од ЕСМ.