Црна хроника
Истрага за жител на Грчец, кај ТЦ „Лептокарија“ пронајден пиштол во неговото возило
Едно лице е осомничено за неовластено држење оружје во својот автомобил. Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396, став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, кој е жител на селото Грчец, на 7 април на булеварот Партизански одреди, спроти трговскиот центар „Лептокарија“, во својот автомобил неовластено држел полуавтоматско огнено оружје – пиштол „црвена застава 99“ во калибар 9 мм, како и пет куршуми, муниција за тој пиштол. При преглед на возилото од страна на овластени полициски службеници оружјето било пронајдено и одземено.
Против него во Основното јавно обвинителство Скопје во тек е уште една кривична постапка за исто кривично дело по кривичната пријава поднесена во октомври 2018 година. Имајќи го предвид овој факт, надлежниот јавен обвинител ценеше дека е оправдан стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело или да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до судијата на претходна постапка достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Со измами за лажни сообраќајки, охриѓанец „заработил“ 3,6 милиони денари, полицијата го уапси
Полицијата расчисти девет сторени кривични дела измама за лажни сообраќајни незгоди, охриѓанец заврши во притвор, жртвите ги оштетил за 3.600.000 денари.
Полицијата вчера го уапси П.С.(38) од Охрид. По извршен службен разговор П.С. појаснил за начинот, местото и времето на извршување на девет кривични дела од кои шест во Штип и три во Виница при што пријавителите се оштетени за околу 3.600.000 денари. Тој се јавувал на повозрасни лица и лажел дека нивни блиски направиле сообраќајки и им барал пари.
На измамникот му е одреден притвор.
Црна хроника
Бил агресивен и искршил куќна ограда: уапсен маж од Струшко
Синоќа во 21 часот, во струшкото село Радожда, лишен од слобода е К.С.(33) од истото село.
Тој бил пријавен дека го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон М.М. и неговото семејство и извршил оштетување на нивната куќна ограда.
Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Претрес во Кавадарци, пронајдено оружје и муниција, уапсено едно лице
Вчера вечер во 22:00 часот, во Кавадарци, полициски службеници го уапсија А.М.(38) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба од Основен суд Кавадарци, биле пронајдени и одземени гасен пиштол, рамка со куршум, воздушен пиштол, два револвери и 58 куршуми 9 мм, кои ги поседувал без соодветна документација.
Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

