Македонија
ЦИВИЛ: Сулејмани да одговара за говорот на омраза
„Центар за слобода“ остро ја осудува изјавата на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, дадена на 14 март, на церемонијата на поставувањето камен-темелник на џамијата во скопското село Арнакија, а објавена на неговиот фејсбук-профил деновиве.
Според ЦИВИЛ, крајно неприфатливо е за еден поглавар на верска заедница да се служи со таков говор на омраза и да поттикнува верска и национална нетрпеливост.
„Неприфатливо е поглавар на верска заедница, чија цел е да обединува, а не да создава раздор меѓу народот, своите сограѓани да ги квалификува како ‘дивјаци и луѓе без идентитет’. Неприфатливо е човек кој е полн со толкава омраза да биде највисокиот претставник на една верска заедница во земјата. Исто така, неприфатливо е што оваа своја постара изјава, реисот повторно ја промовира на социјалните мрежи, и тоа во време на изборна кампања, со што дава еден поинаков контекст на целата содржина и отвора можности за манипулации и злоупотреба“, се наведува во реакцијата.
Со ваквата изјава, констатира ЦИВИЛ, поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, грубо го крши членот 391 од Кривичниот законик, според кој не е дозволено предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
„Однесувањето на Сулејман Реџепи, како и многу пати досега, се коси со начелата за кои се претставува дека се залага. Уцени, поддршка на режими кои брутално убиваат новинари, како што беше случајот со новинарот Кашоги, уцени со враќање на имоти за поддршка на изборите, попречување на донесувањето закони, како оние за абортус и антидискриминација, објавување лични фотографии на кои се наоѓа тој и малолетни членови од неговото семејство на кое држат оружје во рацете…, се само дел од ваквото однесување на Реџепи, на кое сведочиме со години. Однесувањето на Реџепи е крајно неприфатливо и мора веднаш да престане! Верските заедници, како исламската, така и православната и сите останати, мора да бидат одвоени од државата! Последната изјава на Реџепи, која предизвика експлозија од реакции во јавноста, а претставува пример за недолично и крајно неприфатливо однесување и за говор на омраза и дискриминација, ја оценуваме како кривично дело за кое Реџепи мора да поднесе одговорност!“ додаваат од ЦИВИЛ.
Оттаму бараат од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство да реагираат веднаш и да го повикаат Реџепи на одговорност. Исто така, бараа од Реџепи да се извини и да ја повлече својата изјава!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

