Економија
НЛБ банка ги намали каматните стапки на кредитите за правни лица

Почнувајќи од 8.4.2019 година, НЛБ банка воведе нови кредитни продукти за правни лица со намалени каматни стапки и поповолни услови. Каматните стапки на новоодобрените кредити се намалени во просек до 1,5 процентни поени.
Новите кредитни продукти се наменети за мали, средни и големи претпријатија. Намената на овие кредитни продукти е за инвестиции во основен капитал, за обртен капитал и трајни обртни средства. Исто така, Банката воведе нови кредитни продукти за нето извозниците, кои се акцелератор на економскиот развој во секоја земја. Новите кредитни продукти заедно со постојниот пакет за нето извозници формираат една од најцелосните понуди на услуги за овој пазарен сегмент. Дополнително на понудата, Банката започнува и со пласирање на средства од кредитната линија од МБПР ЕИБ V, со која се дополнува понудата со кредити со фиксна каматна стапка до 12 години.
Во периодот кој следува, во фокусот на работењето на Банката ќе биде поддршката на приватниот сектор преку креирање на продукти со поволни, атрактивни и кориснички прилагодени услови. Исто така Банката ќе продолжи со финансирањето на големите проекти и инвестиции преку поддршка со tailor-made продукти прилагодени на специфичните потреби и услови на поединечните проекти.
Освен во делот на финансирањето, НЛБ Банка е партнер кој освен финансиски средства и современи услуги, нуди и советување на клиентите, контакти со можни соработници во земјата и регионот (преку мрежата на НЛБ Групацијата), економско-техничка оценка на проектите и правна поддршка.
Сите заинтересирани клиенти можат да ги контактираат советниците од Деловниот сектор за корпоративни клиенти или да се обратат на e-mail: [email protected]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Време е за паметен потег со решенија за штедење што носат резултати

Во време на брзи промени, економски предизвици и зголемена потреба за финансиска стабилност, сè повеќе граѓани ги практикуваат навиките за штедење. Штедењето денес не значи само чување средства на страна, тоа е стратегија и начин да се обезбеди сигурност за подобро утре.
Халкбанк, како банка која со години вложува во довербата на граѓаните, нуди штедни производи кои ги следат различните животни ситуации и потреби – од флексибилни решенија за оние кои сакаат слобода, до стабилни депозити за оние кои имаат долгорочни планови.
Пет различни модели на штедење со една заедничка цел: финансиска сигурност
Онлајн депозит – за дигиталните штедачи
Овој производ е идеален за сите кои сакаат брзина, ефикасност и потполна контрола од дома. Онлајн депозитот може да се отвори преку електронското банкарство на Халкбанк, без посета на филијала. Со минимален влог од само 3.000 денари, добивате можност за фиксна каматна стапка и можност за избор на рок на орочување (од 3 до 36 месеци). Каматата се пресметува на крајот од рокот, а сè е целосно безбедно со електронски потпис. Овој депозит штеди за вас – додека вие се посветувате на тековните приоритети.
Флекси депозит – за оние што сакаат слобода и флексибилност
Флекси депозитот е наменет за штедачи кои сакаат да дополнат или повлечат средства во текот на периодот на орочување, без да ја изгубат целосно каматата. Со минимален влог од 60.000 денари, овој депозит ви овозможува повеќекратни дополнувања и исплати, преку шалтер или преку електронското банкарство. Рокот е 13 месеци, додека пак каматната стапка е фиксна. Ова е совршено решение за оние кои сакаат штедење со флексибилност и контрола.
Мој депозит – за редовни приматели на плата или пензија
Овој депозит е креиран специјално за клиенти со редовни месечни примања (плата, пензија или други приходи) кои се насочени кон штедење и имаат потреба од дополнителна сигурност и поволни услови. Минималниот износ е 3.000 денари, а можете да изберете рок од 13 или 25 месеци. Каматата се исплаќа на крај или месечно. Дополнителна вредност е можноста за уплата на нови средства до истекот на рокот, што го прави овој производ идеален за континуирано штедење без компликации.
Е-касичка – дигитална навика за секојдневно штедење
Сакате да штедите „неприметно“, без голем напор? Со е-касичката, секоја ваша трансакција со платежните картички на Халкбанк може автоматски да се претвори во заштеда. Овој производ работи така што со секое направено купување, автоматски се издвојува мал износ во е-касичката. Каматната стапка е 1%, минималниот влог е само 100 денари, а рокот е 12 месеци. Совршено решение за оние кои сакаат да создадат навика за штедење без да го почувствуваат тоа.
Детски депозит – за иднината на најмалите
Детското штедење никогаш не било полесно. Со дизајнирана детска штедна сметка и подарок од Халки, овој депозит нуди фиксна каматна стапка, орочување до 60 месеци и можност за дополнителни уплати. Минималниот влог е само 1.000 денари. По полнолетството на детето, средствата автоматски се префрлаат на новата сметка. Ова е одличен начин да изградите финансиска навика и сигурна иднина за вашето дете.
Без разлика дали сакате целосна контрола, флексибилност или сигурност за вашето семејство – секој чекор кон штедење е чекор кон посигурна иднина. Производите на Халкбанк ви овозможуваат да штедите заедно со постојана поддршка. Затоа што вистинската вредност на парите не е само во тоа колку ги имате, туку како ги насочувате. А кога штедите паметно – живеете послободно.
(ПР)