Македонија
Мицкоски: Беличанец сакаше да ги направи луѓето околу неа среќни, не штедејќи се себеси

Во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје беше одржана комеморација по повод трагичната смрт на актерката Билјана Беличанец, која беше и поранешна градоначалничка на општина Кисела Вода од редовите на оваа партија.
На комеморацијата свои проштални говори имаа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателката на Унијата на жени, Благица Ласовска, како и поранешната претседателка Даниела Рангелова, но и нејзиниот колега од театарските штици Роберт Велјановски.
Во своето обраќање, Мицкоски преку цитатат на Шекспир ја опиша Беличанец.
„Шескпир рекол ‘Не плашете се од големината: некои луѓе се раѓаат големи, некои стекнуваат големина, а на некои им доделена’. Билјана беше дел од првата категорија луѓе, тие кои се раѓаат големи. Таа беше предодредена да биде голема. И тоа не само во својата професија, туку и како човек, пријател, соработник. Професионалец. Поседуваше редок и раскошен талент, огромен човечки габарит. Во неа се судруваа контрастите на бесконечната насмевка, детската чистина, и огромната и нескротлива желба да ги направи луѓето околу себе среќни, задоволни, исполнети, дури и би рекол не штедејќи се себеси, жртвувајќи се за да измами насмевки, среќа, задоволство кај другите“, рече лидерот на партијата.
Мицкоски посочи дека Беличанец како градоначалничка лавовски се борела и во општината Кисела Вода, општина која, како што рече тој, имала големи проблеми, при што Беличанец успеала да направи многу.
„Драга моја Беличанец, во овие моменти ние ја продолжуваме битката за која ти говореше далеку пред времето. Потрагата по правдината, чесноста, мечтаењето, тагувањето и радувањето“, кажа тој.
Мицкоски го заврши своето обраќање со повик за еден огромен аплауз наместо молк, затоа што како што рече, нејзиното дело и име треба да се слави и понатаму.
На комеморацијата во седиштето на партијата присутни беа голем дел колеги, соработници и членови на семејството на Беличанец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Доаѓа невреме – силен ветер, пороен дожд и град ќе ја погодат Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, во понеделник и вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
„Процесите ќе бидат поинтензивни особено во текот утрешниот ден кога локално ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2), силен ветер (над 60км/ч) и изолирана појава на град“, велат од УХМР.
Според најавите, од среда ќе преовладува претежно стабилно и потопло време со пораст на дневната температура.
Во Скопје, утре и во вторник времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има појава на невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР препорачуваат во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
ЦУК: Четири активни пожари во Македонија, 2 под контрола

Центарот за управување со кризи информира дека на територијата на Македонија се евидентирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои: 4 се активни, 2 се под контрола, а9 се изгаснати.
Активни пожари: 4
1. Општина Чашка – над Богомила (мешана шума)
2. Општина Куманово – с. Слупчане (нискостеблеста шума)
3. Општина Студеничани – с. Дречавица (шумски пожар во планински терен)
4. Општина Македонски Брод – с. Грешница (деградирана нискостеблеста шума)
Под контрола: 2
1. Општина Долнени – с. Стровија, позади место викано Гајдарец-Клепало (нискостеблеста шума)
2. Општина Желино – с. Церово (мешана шума)
Изгаснати се пожарите во Берово, Брвеница, Струмица, Гевгелија, Куманово, Крушево, Долнени, Струга и Студеничани.
Македонија
(Видео) Избувнаа повеќе нови пожари – „Во Македонија има многу граѓани кои не ѝ мислат добро“, вели Михаилов

Попладнево низ повеќе делови од Македонија се појавија нови пожари, откако претпладне беше стабилизирана состојбата на теренот.
Надлежните институции реагираат со интервенции на копно и од воздух.
Информации објави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
„Дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не и мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам!
Пожаров кој го гледате е над село Ваксинце, општина Липково и избил пред 30 тина минути, а истиот ветерот многу бргу го шири накај Стража!
Таму се две екипи на ЈП “Македонски Шуми” Куманово и ТППЕ Куманово!
Откако ја стабилизиравме целосно состојбата и со добра координација на Главниот Штаб на Македонија до пладне го решивме и последниот активен пожар кај Долнени, во текот на попладневните часови веќе имаме пријава за неколку нови пожари!
После пладне е пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес каде веднаш од страна на Главниот Штаб беа упатени сили на ЈП “Македонски Шуми” , екипи на МВР и месно население, а таму на помош беше пратен и делуваше од воздух еден хеликоптер.
Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот Штаб делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП “Македонски Шуми” и двата ЕР Трактори на ДЗС!
Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кој во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите!“, напиша Михаилов на ФБ.