Македонија
Ахмети и Џафери биле врвни политичари и угледни луѓе, навел судијата Рустеми во пресудата за тужбата
Судијата од скопска „двојка“, Нухи Рустеми, во образложението за повторената постапка кога им ја уважил тужбата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на поранешниот вицепремиер Муса Џафери, навел дека двајцата биле врвни политичари и угледни луѓе во општествениот живот.
„Тужителите се семејни луѓе, угледни личности во општествениот живот, познати во јавноста бидејќи се познати врвни политичари, па тужениот со напишаната содржина и текст во изјавата изнел невистинити тврдења, кои ниту ги проверил, а бил должен тоа да го стори, ниту го докажал спротивното, со што не би се потврдила неговата изјава од клеветнички карактер“.
Постапувајќи по упатствата на Апелациониот суд, Граѓанскиот суд во Скопје врз основа на преоценка на изведените докази утврдил дека тужениот Слободан Богоевски, давајќи го својот исказ, имал намера и цел да ја деградира личноста на тужителите, без оглед на својството на сведок при кое ја давал изјвата.
„Во изјавата, која е од клеветнички карактер, а која е детаљно опишана во фактичка состојба, навел клеветнички зборови, кои и не ги ни проверил дали се вистинити, а ниту, пак, во моментот кога ги изјавувал не биле поткрепени со докази“, пишува во образложението на пресудата.
Предметот вторпат го судеше судијата Нухи Рустеми. Апелациските судии лани утврдија дека првостепениот суд сторил серија повреди на постапката. Констатирале дека фактичката состојба со која е донесена пресудата е нецелосна и дека тужбата на Ахмети и Џафери е нејасна.
Јавноста е запозната дека наместо судијката Јованка Спировска-Панева, која според распределбата на системот АКМИС требаше да го суди предметот, судењето падна во рацете на Нухи Рустеми. Според тврдењето на Богоевски, судијката што требало да суди им дала насоки на тужителите да достават дополнителни докази бидејќи во спротивно ќе им ја отфрли тужбата, па потоа била сменета.
Американската Комисија за хартии од вредност го отвори за јавноста исказот на Слободан Богоевски даден во постапката што се водеше против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи, пред судот во Њујорк.
Во него, Богоевски, меѓу другото, тврди дека двајцата високи функционери на ДУИ примиле мито од „Маѓар телеком“ од по 2,5 милиона евра. Ахмети и Џафери тужеа поради ваквото тврдење и бараа отштета од 90 илјади евра, но се откажаа од надоместокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 17 часот најмал одзив на гласачи во Куманово и Шуто Оризари
До 17 часот излезноста на гласачи на Локалните избори за Град Скопје изнесува 28,52%, соопшти ДИК. Процентот на избирачки места од каде пристигнале податоците е 99, 56% за вкупно 682 избирачки места.
Излезноста на гласачите во другите општини од државата до 17 часот, според ДИК изнесува 39,28%.
„Процентот на избирачки места од каде се пристигнати податоците изнесува 96,94%. Најголема излезност до 17 часот е забележана во Општина Конче со 64,44%“.
Најмал одзив имало во Општина Куманово од 27,72% и во Општина Шуто Оризари со 25,82%.
„Досега до ДИК нема пристигнато информација дека би имало евентуално продолживање на гласањето на некое избирачко место, и не се пријавени поголеми неправилсноти“.
Македонија
Утре променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла
Времето утре, променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.
Македонија
27,19 проценти е излезноста на граѓаните до 15 часот во вториот круг од локалните избори, според ДИК
Излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 15 часот е 27,19 отсто, според податоците објавени од Државната изборна комисија.
Според комисијата, излезноста за Град Скопје до 15 часот изнесува 29,94%.
Најголема излезност е забележана во Општина Карпош со 32, 40% и Општина Центар со 31,65%, најмала излезност за градот Скопје има во Општина Сарај 6% и во Чаир со 8,83%.
„Споредено со излезноста во првиот круг и пресекот направен тогаш во 15 часот, излезноста изнесувала 31,16% за градот Скопје.
Во однос на излезноста за градоначалници на општините според пресекот во 15 часот, процентот на избирачи кои гласале во избирачките места од кои се пристигнати податоци до ДИК изнесува 30,26%. Процентот на избирачки места од кои се пристигнати податоците изнесува 93,59%“.
Гласањето како што соопштија од комисијата се одвива непречено и во најдобар ред.
„Се што беше доставено како приговори за избирачко право се решава и сите граѓани непречено си го остваруваат своето право на глас“. Засега велат од таму не се пријавени никакви инциденти.

