Македонија
Судбината на „мерцедесот“ на Груевски ќе се знае по изборите
Судбината на „мерцедесот“ за чиешто противзаконито влијание беше осуден експремиерот Никола Груевски, кој избега во Будимпешта, како и Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, ќе биде позната по завршување на изборниот процес, потврдија од Владата за „Макфакс“.
„По завршување на изборите ќе има решение. Додека се одвиваат претседателските избори, процесот е во мирување“, велат од Владата.
Службата за општи и заеднички работи го презеде екстралуксузното блиндирано возило од Министерството за внатрешни работи, по што беше огласен на лицитација, но постапката беше запрена поради судскиот процес на СЈО под кодно име „Тенк“. За овој судски предмет беа донесени правосилни судски одлуки, но „мерцедесот“ сè уште не е на продажба.
Бирото за судски вештачења го процени „мерцедесот“ од 580 илјади евра на 234 илјади евра, поради амортизацијата и поминатите километри. „Мерцедесот“ лани беше петтипат сервисиран за сума од 27 илјади евра и затворен во гаражата под МРТВ.
Државата досега за вкупно 5 сервисирања потроши приближно 120 илјади евра. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вети дека од продажбата на „мерцедесот“ ќе купи амбулантни возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Паркингот во Центар денеска е бесплатен
По повод Македонските претседателски и парламентарни избори, од ЈП Паркинзи на општина Центар известуваат дека денеска паркиралиштата со кои стопанисува јавното претпријатие ќе бидат без наплата за сите граѓани.
Дирекцијата на ЈП Паркинзи на Општина Центар во катната гаража „Судска палата“ нема да работи, а сите услуги можат да се користат електронски на www.poc.mk.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и работењето на дирекцијата ќе продолжат од утре со вообичаено работно време.
Македонија
Изборниот ден е неработен за сите граѓани
Поради одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори, денешниот ден е неработен за сите граѓани во Република Македонија.
Работодавачите не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние каде работните процесите заради својата природа не можат да се прекинат.
Поради првиот круг од претседателските избори, неработен беше и 24 април. Според одлуката на техниката Влада, двата неработни дена нема да се одработуваат.
Македонија
Започна вториот круг од претседателските и парламентарните избори
Во Македонија утрово започна вториот круг од претседателските и парламентарните избори.
Избирачките места, од кои вкупно 3.480, беа отворени во седум часот, а ќе бидат затворени во 19 часот.
Во вториот круг од претседателските избори граѓаните ќе одлучуваат меѓу Гордана Силјановска Давкова и актуелниот претседател Стeвo Пандеровски.
На парламентарните избори, граѓаните ќе можат да избираат помеѓу 17-те изборни листи, меѓу кои коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, партијата Левица, коалицијата „Европски Фронт“ предводена од ДУИ, коалицијата „Вреди“, движењето ЗНАМ, партиите Родина, Македонска Ера Трета, Демократи, Единствена Македонија, Нова Алтернатива, Аваја, Твоја, Десна, Работничката партија, како и за групата избирачи Џула Челику.